НСОН за инцидентот со наставникот: Изолираните случаи не можат да бидат одлика за целата фела 

од Берта Китинска
361 прегледи

По однос на случајот кои беше презентиран во јавноста во последниве денови каде наставник од  О.У „Панајот Гиновски“  удира ученик , ние како Независен синдикат за образование и наука немаме конкретни информации како и зошто дошло до истото бидејќи лицето кое што е на видето не е член на синдикатот. Останува на државните институции истото да го истражат и да ја откријат причината, велат во разговор за „Локално“ од Независен Синдикат за Образование и Наука.

За тоа дали по овој инцидент потребно е да се испита и односот кон наставниците и за условите во кои работат посебно во оваа пандемија со Ковид и сите реформи во образованието од НСОН велат дека во последниве 12 месеци учествуваат во неколку синдикални протести со цел јавно да ги презентираат секојдневните проблеми со кои се соочуваат просветните работници.

-Како Независен синдикат за образование и наука, во последниве 3 години  активно реагираме и ги презентираме забелешките за условите во кои работат просветните работници преку организирање на синдикални протести и правни постапки. Во последниве 12 месеци НСОН, односно членовите на НСОН учествуваа во неколку синдикални протести со цел јавно да ги презентираат секојдневните проблеми со кои се соочуваат просветните работници,посочуваат од синдикатот.

Тие посочуваат дека најголемата пречка при реализирањето на воспитно-образовниот процес во последнава деценија е партизацијата во секторот образование, односно влијанието на центрите на политичка моќ дирекно во образовниот процес и училиштата.

-НСОН активно работи на процесот на департизација во секторот образование за што убедени сме дека ќе вроди со подобрување на квалитетот воспитно-образовниот процес, сметаат од НСОН.

Тие велат дека во повеќе наврати има организирано работилници, семинари и обуки на кој ги запознаваме своите колеги со нивните правата и обврските.

  -Редовно излегуваме во пресрет на на секој колега при решавање на одреден спор со цел истиот поефикасно да го извршува воспитно-образовниот процес. Во секоја професија или работна организација има изолирани случаи на однесување кои  не можат и несмеат да бидат одлика за целата фела. Во неколку случаи членови на НСОН се имаат обратено до синдикатот со поплака дека биле снимани од учениците за време на часот, а како резултат на тоа имаме покренато постапки за санкционирање бидејќи неовластеното снимање на работа е недозволиво согласно позитивната законска норма.

Б.М.

Слични содржини