Израелските власти во моментов размислуваат за воен удар врз Иран, со или без одобрување од САД, објави Њујорк Тајмс.
Тие веруваат дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел да донесе одлука да не се спротивстави на таков напад за разлика од неговиот претходник Барак Обама, се наведува во денешниот напис во кој се дадени детали за односите меѓу двете сојузнички земји соочени со Исламската Република Иран во текот на изминатата деценија.
„Повторно, по повеќе од една деценија откако први ја покренаа темата со американски официјални претставници, израелските власти размислуваат за можноста за унилатерален удар врз Иран. За разлика од Буш и Обама, постои поголема убеденост дека Трамп нема да се спротистави“, се наведува во извештајот, во врска со напорите на САД и Израел да се спречат Иран да развива нуклеарно оружје.
Не се прецизира какви цели Израел размислува да нападне, но се додава дека „јастребите во Израел и Америка поминале повеќе од една деценија залагајќи се за војна против нуклеарната програма на Исламската Република“. Израел со години активно се подготвуваше за напад врз ирански објекти и беше многу близу до извршување во 2012 година, според американскиот весник.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за Њујорк Тајмс во август изјави дека „недвосмислено“ ќе го одобрел нападот во тоа време, но ја немал потребната поддршка од владата.