Њујорк тајмс: Унгарија го заштити премиерот во бегство. Дали му помогна и да избега?

од desk4
147 прегледи

Додека ја чекаше одлуката по жалбата на пресудата за корупција, поранешниот македонски премиер Никола Груевски, остави впечаток дека е помирен со тоа да оди во затвор.

На почетокот на ноември, Груевски ја контактираше затворската управа за условите во затвор. Побара од неговите телохранители, доделени од страна на државата, да му купат облека за периодот кој му следува во затвор. Шеташе низ центарот на Скопје како да ужива во последните денови како слободен човек.

Но, на денот кога конечно требаше да се пријави во затвор, Груевски исчезна. Се појави четири дена подоцна – но во Унгарија, каде што кратко потоа му беше доделен политички азил од страна на екстремно десничарската влада на неговиот политички сојузник, премиерот Виктор Орбан.

“Тоа беше како од филм”, вели Весела Чернева, заменичка-директорка на Европскиот совет за надворешни односи, истражувачка група.

Бегството предизвика различни озборувања и бројни теории за заговор. Но, интервјуата со високи македонски функционери открија нови детали кои укажуваат на тоа дека Груевски бил во контакт со унгарските власти во последните денови пред неговото бегство. Македонските власти сега испитуваат дали преку границата била пренесен во возило со унгарски дипломатски таблички.

Владата на Орбан негираше вмешаност во внатрешните работи на Македонија или каква било улога во криумчарењето на Груевски надвор од земјата. Но, само со тоа што го засолни, Орбан се вметна во кревката политика на Балканот во време кога Македонија се обидува да влезе во НАТО и во Европската унија – напори што Русија се обидува да ги блокира.

Актуелната македонска влада се обидува да го комплетира историскиот дипломатски договор со Грција, со што ќе се отстрани најголемата пречка за приклучување на земјата во НАТО и во европскиот блок по две децении дипломатско лимбо.

Во јануари, Парламентот треба да гласа за промена на името на земјата во Република Северна Македонија. Грција, која се спротивставува на сегашното име кое имплицира на територијални амбиции кон северно-грчкиот регион со исто име, ќе го повлече своето вето за пристапот на Македонија.

Груевски, кој е осуден на две години затвор за примање мито од владините договори, се спротивстави на договорот со Грција и се здружи со рускиот претседател Владимир Путин.

Иако Груевски ја напушти функцијата во 2016 година среде серија скандали, остана централна личност во македонската политика. Неговото ненадејно заминување и повторно појавување во Унгарија ги зголеми потенцијалните пречки во деликатните преговори пред гласањето во парламентот и во дискусијата вметна силно дестабилизирачки елементи.

-Со доделувањето на азил на Груевски во Унгарија, Орбан можеби првенствено покажа лична лојалност кон сроден дух. Но, нема ништо против колатералната штета. Орбан не ги крие своите симпатии кон Путин и Трамп, како и за кон деструкција на Западот каков што го знаеме – вели Чернева, експерт за балканската политика.

Откако стапи на функцијата во 2010 година, Орбан се трансформира од маргинален играч во европската политика во главен националистички глас на Континентот. Откако ги еродира демократските институции дома, доби меѓународно значење за време на бегалската криза од 2015 година, кога ја повика Европската унија да заземе посилен став против мигрантите, застапувајќи се за крај на либералните вредности и институциите на кои е основана.

И додека Македонија стана клучна станица долж миграционата патека низ Балканот, Груевски и Орбан се зближија. Го споделија противење на миграцијата, но исто така и сличниот пристап кон домашната власт, топлина кон Путин и навика за сите свои проблеми да го обвинат унгарско-американскиот филантроп Џорџ Сорос.

Орбан продолжи да ја поддржува политичката партија на Груевски и откако тој пред две години ја напушти функцијата. Ова лето, Орбан ги поддржа обидите на партијата да го попречи договорот со Грција, дури и кога неговата влада рече дека го поддржува членството на Македонија во ЕУ и НАТО.

Но, владата на Орбан се обиде да ја избегне импликацијата дека директно се меша во судскиот систем на друга суверена земја, тврдејќи дека Унгарија се согласила да му помогне на Груевски само откако се појавил – без нивна помош – во амбасадата на Унгарија во Албанија.

“Унгарските власти немаат никаква врска со неговото напуштање на земјата” се вели во изјавата на унгарската влада.

Сепак, интервјуата со тројца високи македонски функционери во три одделни министерства, кои зборуваа анонимно, бидејќи не беа овластени да даваат јавни изјави, сугерираат посложена приказна.

-Неделите пред неговото бегство, Груевски ја посетил амбасадата на Унгарија во Скопје, рече еден официјален претставник.

-Невообичаено голем број унгарски дипломати патувале во Македонија деновите пред неговото заминувањето, каде одржале приватни средби во хотели, вклучувајќи и еден во сопственост на братучедот на г. Груевски, поранешен шеф на тајната полиција – според вториот македонски официјален претставник.

-И самите Унгарци дискретно ги прашаа македонските колеги колку е веројатно дека Груевски ќе заврши во затвор – рече првиот официјален претставник.

Македонската влада јавно не информираше како Груевски ја напуштил Македонија и влегол во Албанија, делумно за да избегне прејудуцурање во тек на истрага, а делумно и за да не ги влоши односите со Унгарија. Но, ги испитуваат наводите дека Груевски ја напуштил Македонија во унгарски дипломатски автомобил.

Покрај тоа, македонските официјални лица добиле потврда од балкански разузнавачки агенции дека по доаѓањето во Албанија, Груевски од страна на неколку унгарски дипломати бил пренесен во Црна Гора, од каде друг дипломат веднаш го пренел во Србија – информира третиот висок официјален претставник.

Следниот ден, Груевски ја преминал северна граница кон Унгарија, објави српската влада, без да се наведе кој го придружувал.

Координираноста на овие потези укажува на тоа дека Унгарија имала барем извесно предупредување за бегството на Груевски, велат сите тројца македонски официјални претставници. И не е првпат Орбан да се интересира за македонските прашања.

Почнувајќи од 2017 година, двајца Унгарци блиски до Орбан купија неколку македонски медиуми кои го поддржуваат Груевски и беа силни противници на договорот со Грција. Во друга варијатна тие би биле затворени поради финансиски тешкотии.

-Топлиот прием на Груевски во Унгарија беше продолжение на нешто што луѓето надвор од Македонија можеби го заборавиле – дека Орбан во последните неколку години не беше само пример за Груевски, туку и активно му помагаше. Постои цела медиумска империја што Орбан ја градел во Скопје – вели Чернева.

Сепак, ако улогата на Унгарија во бегството е под лупа, администрацијата на македонскиот премиер Зоран Заев се соочува со обвинувања дека премолчано му дозволила на Груевски да замине без опструкција, во замена за поддршката на неговите сојузници за договорот за името.

Владата на Заев го негира ова тврдење, велејќи дека отсуството на Груевски, напротив, ги комплицирало преговорите.

Но, критичарите се прашуваат дали дел од администрацијата, сепак, бил соучесник во неговото заминување или, во најмала рака, премногу неспособна да го превенира.

Во септември, анти-корупциските службеници открија дека Груевски неодамна повлекол повеќе од 100.000 евра во готовина од неговата банкарска сметка, потврдија двајца официјални лица – но тоа не се сметало доволно за да се третира како ризик за бегство.

Во петокот на 9-ти ноември, на денот кога Груевски исчезна, полициските службеници кои по протокол им се доделуваат на сите поранешни премиери, по пристигнувањето во неговиот станбен блок, не можеле да го добијат по телефон.

По објавувањето на неговото отсуство на нивните претпоставени, не било преземено никакво дејство за да се пронајде – дури и откако судот му наредил следниот понеделник да се пријави во затвор.

Полицијата чекала пред влезната врата на неговата станбена зграда цел ден, но не внимавала на влезот од гаража, преку која лесно можел да влезе или излезе со автомобил.

Истрагата сега се сомнева дека тој уште во петокот заминал преку гаражата за Албанија, каде стигнал преку планинскиот граничниот премин во близина на Дебар.

Но, националниот налог за апсење беше издаден во понеделникот, 12 ноември, откако Груевски не се пријави во затвор. Меѓународниот налог за апсење не беше објавен до вторникот вечерта, откако Груевски веќе објави дека стигнал до Будимпешта.

Но, сето тоа во крајна линија немаше влијание врз одлуката на Орбан да му помогне на Груевски -изјави Димитар Бечев, експерт за балкански прашања на Универзитетот во Северна Каролина, Чапел Хил.

“Тоа е демонстрација за сите други во Е.У. дека може да се извлече со убиство ” рече г-дин Бечев. “Може да се направи скоро се и нема ништо да се плати. – додаде тој

 

Извор: Њујорк тајмс

Слични содржини