Бројот на лица во земјава заболени од корона вирусот секојдневно расте, а со него расте и нетрпеливоста кај граѓаните. За жал овие денови сме сведоци и на постојани прозивки и линч упатени до оние лица кои веќе се наоѓаат во самоизолација или го имаат вирусот КОВИД-19.
На социјалните мрежи се водат дебати околу тоа дали да се објават јавно имињата на оние кои се во самоизолација, а лудоста оди и дотаму што некои од граѓаните повикуваат да се потпише петиција за да се иселат од зграда оние кои евентуално го имаат овој вирус.
Поради таа причина, Агенцијата за заштита на личните податоци на Република Северна Македонија објави неколку препораки како да се постапува во вакви специфични околности, а согласно новиот Закон за заштита на личните податоци.
„Мерките за спречување на коронавирусот кои ги применуваат државните институции, приватните компании и организации може да вклучуваат и обработка на личните податоци како име и презиме, адреса, работно место, податоци за патување, меѓу кои и посебни категории на лични податоци како што се податоците за здравјето на луѓето“, сметаат од агенцијата.
Од таму велат дека е потребно е да се истакне дека Законот за заштитата на личните податоци во никој случај не е пречка за спроведување на мерките за зачувување на јавното здравје, но сепак потребно е да се земат во предвид следните неколку препораки:
Законитост на обработката на лични податоци
Кога контролорите постапуваат по одлуките и мерките за спречување од коронавирус донесени согласно закон, релевантен е членот 10 став 1 алинеја 5 и членот 13 став 2 алинеја 9 од Законот за заштита на личните податоци.
Во тој контекст, се смета за законска обработката на лични податоци која се врши за работи од јавен интерес во областа на јавното здравство, како што се заштита против сериозни прекугранични закани за здравјето, во кој се предвидени и мерки за заштита на правата на субјектите на лични податоци, особено заштита на деловната тајна.
Воедно, дозволена е и обработка на податоци на здравјето на луѓето и кога лицето не е во можност физички или правно да ја даде својата согласност, особено кога се работи за итни ситуации, а со цел да се заштитата нивните суштински и витални интереси.
Транспарентност
Контролорите треба да обезбедат на јасен, разбирлив и лесно достапен начин информации за мерките кои ги преземаат, како и целите на собирање на личните податоци и колку време истите ќе се чуваат.
Доверливост/безбедност на податоците
Потребно е да се обезбеди сигурност и доверливост на податоците, особено ако се работи за податоци за здравјето на луѓето.
Важно е да се напомене дека идентитетот на лицата кои се засегнати од коронавирусот не треба да се открива на трети лица, без да постои јасно оправдување за ваквото постапување.
Минимимален обем на податоци
Потребно е да се обработуваат минимален обем на податоци кој е потребен за примена на мерките за превенција и спречување на ширење на коронавирусот.
Отчетност
Контролорите е потребно да го документираат одлуките за примена на мерките за коронавирусот кои вклучуваат обработка на лични податоци.
Од Агенцијата за заштита на чични податоци појаснуваат дека работодавачите имаат правна обврска да го заштитат здравјето на вработените така што оправдано е во ваквите конкретни околности да се прибираат лични податоци за оваа цел.
„За употребата на уште построги мерки, како доставување на прашалник до вработените и посетителите кој треба да биде пополнет со овие податоци, треба да има сериозно оправдување и само ако е неопходно и пропорционално и базирано на проценка на ризикот“, велат од агенцијата.
Од таму потенцираат дека работодавците може да барат од вработените да ги информираат ако се дијагностицирани со коронавирус за да може понатаму да бидат преземени соодветни мерки.
„Меѓутоа, секој податок за здравјето кој се собира и обработува треба да е оправдан и да биде ограничен на она што е неопходно за да се постигне целта да се имплементираат мерките за безбедност и здравје. По насоките на јавните здравствени органи и тела, личните податоци може да бидат откриени заради јавниот интерес, а со цел заштита од сериозна закана за јавното здравје“, додаваат од агенцијата.
На прашањето, ддали може работодавачот да открие дека одреден вработен има вирус на другите колеги, од агенциата велат дека ова генерално треба да се избегнува, во интерес на доверливоста на личните податоци на вработениот.
„На пример, работодавецот може да ги информира вработените дека има случај или постои сомневање за заразеност од корона вирус во организацијата и да побара од вработените да работат од дома, така што нема да биде именувано лицето кое е засегнато од вирусот. Меѓутоа, откривањето на овие информации на јавните здравствени власти може да биде потребно за понатамошно извршување на нивните функции“, додаваат од агенцијата.
Пред неколку дена, Националниот координациски тим за заразни болести на Црна Гора, во согласност со Агенцијата за заштита на личните податоци, ги објавува имињата на луѓето на кои им се издадени решенија за самоизолација во времетрањето од 14 дена.
И.Р.
ФОТО Борче Поповски