Објавени добитниците на Нобеловата награда за економија

од Nikola Popovski

Дејвид Кард, Џошуа Д. Ангрист и Гвидо Имбенс се добитници на Нобеловата награда за економија за 2021 година, објави Шведската кралска академија на науките.

Дејвид Кард беше награден за неговиот „емпириски придонес во економијата на трудот“, додека Ангрист и Имбенс добија признание за нивниот „методолошки пристап кон анализа на причинско -последичните односи“, се наведува во образложението на одлуката.

„Годинешните лауреати – Дејвид Кард, Џошуа Ангрист и Гвидо Имбенс – ни дадоа нови сознанија за пазарот на трудот и покажаа какви заклучоци за причината и последицата можеме да извлечеме од природните експерименти. Нивниот пристап се прошири и на други полиња и донесе револуција во емпириските истражувања “, се додава во објаснувањето.

За разлика од другите Нобелови награди, признанието за економија не беше предвидено со тестаментот на Алфред Нобел, но наградата беше воспоставена од Шведската централна банка во 1968 година, а првиот добитник беше избран една година подоцна.

Тоа е последната награда што се објавува секоја година.

Минатата година наградата ја добија двајца економисти од Универзитетот Стенфорд во Калифорнија, Пол Милгром и Роберт Вилсон, за нивниот исклучителен придонес во развојот на аукциската теорија.

Фото: Niklas HALLE’N / POOL / AFP

 

Слични содржини