Секој дваесетти крводарител во Милано развил антитела на Ковид-19 пред првиот официјален позитивен случај во Италија кон крајот на февруари.
Анализата на поликлиниката во Милано потврдува дека вирусот циркулирал во Италија пред 21 февруари, кога бил утврден првиот официјален случај во Кодоњо, пишува италијанскиот весник „Кориере дела сера“.
Студијата, во која бile вклучени 800 дарители на крв, објавена на веб-страницата „medRxiv“, покажува дека на почетокот на епидемијата, 4,6 проценти од дарителите на крв веќе имале антитела на вирусот Kовид-19, а тој процент се искачил на 7,1 процент во почетокот на април.
Студијата е дизајнирана и спроведена од експерти од Одделот за трансфузија на поликлиниката во Милано во соработка со Универзитетот во Милано и неколку други истражувачи од здравствени установи во главниот град на Ломбардија, најтешко погодениот регион во Италија. Покажано е дека сочуваните примероци на крв биле користени за да се утврди присуството на антитела, а не затоа што вирусот се пренесувал преку крвта.
„Кориере дела сера“ укажува дека истражувањето утврдило дека најпрво се заразиле главно млади, а неодамнешните случаи се поврзани со постари лица.
Италија е со повеќе од 32.000 починати како последица од вирусот ковид-19 од почетокот на кризата е трета во светот по бројот на жртвите после САД и Велика Британија. Вирусот Ковид -19 предизвика во Италија најдолга блокада во Европа од која после повеќе од два месеца таа земја постепено излегува, соочувајќи се со најтешки економски последици.