Стотици страници незапечатени документи од тужби поврзани со Џефри Епстајн, кој беше обвинет за сексуално злоставување малолетнички, се објавени во јавноста. Но, информациите од објавената документација главно ѝ се веќе познати на јавноста.
Тоа е всушност само првиот сет на документи кои ќе бидат отпечатени според судскиот налог од 18 декември. Во наредните недели се очекува да излезат во јавноста и други делови од документацијата.
Како што со денови пишуваат светските медиуми, се очекува во целата документација да бидат споменати околу 200 имиња, меѓу кои и истакнати бизнисмени, политичари и други јавни личности.
Како што заклучува Си-Ен-Ен, се чини дека првите незапечатени документи не содржат некои големи нови откритија за случајот.
Голем дел од информациите содржани во нив веќе се објавени преку медиумски извештаи и други судски постапки. Но, ова е првпат да биде објавена официјална документација снимена во текот на процесот.
Адвокатите на Џилијан Максвел, партнерката на Џефри Епстајн, осудена на 20 години затвор за трговија со луѓе, по објавувањето на овие документи рекоа дека таа сè уште постојано тврди дека е невина.
Документите содржат извадоци од сведочењето на Џилијан Максвел и Вирџинија Робертс Џуфре, која е една од жртвите на Епстајн. Исто така, објавено е и сведочењето на друга жртва, Јохана Сјоберг, која во текот на судењето опишала како принцот Ендру на шега ѝ ги допирал градите за време на фотосесија.
Јавноста веќе беше запознаена со приказната на Јохана Сјоберг, но ова е првпат нејзиното сведочење да биде отпечатено.
Сјоберг понекогаш работела за Епстајн и на суд рече дека тој ја притискал повремено да дава „сексуални масажи“.
Принцот Ендру, Доналд Трамп…: Кој се сè споменува во незапечатените документи?
Принцот Ендру и Вирџинија Џуфре претходно постигнаа вонсудска спогодба во нејзината тужба за сексуален напад, според судскиот документ поднесен од нејзините адвокати во вторникот. Ендру ги отфрли обвинувањата против него.
Транскриптите од сведочењето, исто така, вклучуваат референци за неколку истакнати имиња, како што беше претходно објавено, меѓу кои и принцот Ендру, како и поранешниот американски претседател Бил Клинтон.
Сјоберг во својот исказ од 2016 година се присети дека Епстајн ѝ го споменувал Клинтон.
„Тој еднаш рече дека на Клинтон му се допаѓаат млади, мислејќи на девојки“, рече таа.
На прашањето дали Клинтон му е пријателка на Епстајн, таа рече дека разбира дека Епстајн имал „деловен однос“ со Клинтон.
Портпаролот на Клинтон во 2019 година потврди дека поранешниот претседател летал со приватниот авион на Епстајн, но рече дека Клинтон не знаел ништо за „ужасните злосторства“ на Епстајн.
Портпаролот на Клинтон го повторил тоа во средата, а за Си-Ен-Ен навел дека поминале „речиси 20 години откако претседателот Клинтон имал последен контакт со Епстајн“. Клинтон не е обвинет за никакви злосторства или неправилности поврзани со случајот на Епстајн или контакт со него.
Сјоберг изјавила и дека Мајкл Џексон ја посетил куќата на Епстајн во Палм Бич во американската сојузна држава Флорида и дека еднаш го запознала магионичарот Дејвид Коперфилд.
Таа истакна дека никогаш не го масирала Џексон и дека Коперфилд еднаш вечерал кај Епстајн. Како што рекла, добила впечаток дека Коперфилд и Епстајн биле пријатели.
Сјоберг рече дека Коперфилд еднаш ја прашал дали знаела дека некои девојки добиле пари за да регрутираат и да најдат повеќе девојки.
Во своето сведочење, Јохана Сјоберг се присетила и на времето кога била со Епстајн во еден од неговите авиони и пилотите ги информирале дека мора да слетаат во Атлантик Сити. Тогаш Епстајн им предложи да стапат во контакт со Доналд Трамп.
„Џефри рече: ‘Одлично, ќе му се јавиме на Трамп и ќе одиме’ – не се сеќавам на името на казиното, но – ‘ќе одиме во казино’“, рекла Сјоберг пред поротата.
Таа подоцна во својата изјава додаде дека никогаш не го масирала Трамп. Како што покажуваат објавените документи, Трамп, како и Клинтон, не е обвинет за прекршувања во врска со Епстајн.
Вирџинија Џуфре сведочеше дека Максвел ја упатила да има сексуален контакт со луѓе, вклучително и поранешниот гувернер на Ново Мексико Бил Ричардсон, принцот Ендру, технолошкиот гуру Марвин Мински, познатиот француски извидник на модели Жан-Лук Брунел и американскиот инвеститор Глен Дабин.
Портпаролот на Дабин рече во изјавата во 2019 година, кога тврдењата на Џуфре беа објавени во јавноста, дека „Глен и Ева Дабин се огорчени од наводите изнесени против нив во незапечатени судски записи и категорично ги отфрлаат“.
Во истиот дел од таа изјава сè уште има три неименувани лица кои не беа идентификувани во средата. Џуфре наведува дека Максвел ја упатила да има сексуални односи со „неименуван принц“, „сопственик на голем синџир хотели“, но од документот не е јасно дали подоцна имала сексуален контакт со некоја од споменатите лица.
Документите се од решениот случај на Вирџинија Робертс Џуфре, Американка која тврдеше дека Епстајн сексуално ја злоставувал како малолетна и дека Џилијан Максвел, поранешната девојка на Епстајн, помогнала во злоставувањето.
Многу од жртвите дадоа јавни интервјуа и веќе им се познати на медиумите. Сепак, имињата на некои жртви сè уште се во тајност поради чувствителната природа на кривичното дело.
Во 2019 година, Епстајн беше обвинет дека водел синџир за трговија со луѓе и сексуално злоставувал десетици малолетни девојчиња.
Епстајн изврши самоубиство во затвор додека го чекаше судењето. Обвинителите во Њујорк поднесоа обвиненија против Максвел за трговија со луѓе и сексуална експлоатација. Таа во 2021 година беше осудена на 20 години затвор.