Новиот сој на коронавирусот ОМИКРОН е присутен во се поголем број европски земји, а првите случаи неодамна се забележани во Хрватска, Унгарија и Словенија. Британските научници спроведоа студија за да утврдат колку се разликуваат симптомите на омикрон од делта сојот што доминираше досега.
Податоците добиени од компанијата „Zoe and King’s College“, а објавени од британското научно списание British Medical Journal, покажаа дека повеќето луѓе заразени со вирусот омикрон пријавиле течење на носот, главоболка, замор и кивање.
Анализата е направена преку апликација меѓу заразените граѓани на Лондон, бидејќи сојот омиркон е поприсутен во главниот град отколку во другите делови на Велика Британија.
На списокот на симптоми објавени од британската влада се и треска, кашлица и губење на чувството за мирис и вкус, кои беа најчестите симптоми на првата варијанта на коронавирус.
Тим Спектор, научник кој е во првите редови на истражувањето на сојот омикрон, вели дека побарал од британската влада да ја ажурира листата на симптоми од појавата на варијантата на делта.
-Пораките што ги испратија од Владата не беа доволно јасни. Мислам дека повеќето луѓе препознаваат симптоми слични на настинка. На таа листа едноставно би додал „симптоми слични на настинка“. Треба да ги едуцираме луѓето, да се вратиме на основите и да кажеме: ако имате симптоми на настинка, држете се настрана од луѓето. Не треба да ги чекате класичните симптоми на ковид – рече Спектор.
За да ги споредат симптомите на сојот делта и омикрон, истражувачите зедоа податоци за симптомите на сојот делта од октомври, кога тој вид беше најдоминантен, и сегашни податоци за сојот на омикрон.
Првата анализа не покажа јасни разлики помеѓу раните симптоми на делта и омикронскиот сој.