Обновата на Украина можност за поголем профит на македонските градежни фирми

Градежните експерти сметаат дека во обновата на Украина може да се вклучат некои поголеми градежни фирми кои имаат технички потенцијал и кадар

од Vladimir Zorba
980 прегледи

Крајот на војната во Украина може да претставува голема можност за македонските градежни компании кои би се вклучиле во нејзина обнова. Доколку има интерес градежните фирми може да профитираат од извршувањето на градежни работи во оваа држава, а од тоа да има бенефит и македонска економија. Освен тоа, може да се намалат цените на житото, енергенсите, металите… и да се зголеми извозот на македонските производи кои пред војната се извезуваа на рускиот и украинскиот пазар.

Градежните експерти сметаат дека во обновата на Украина може да се вклучат некои поголеми градежни фирми кои имаат технички потенцијал и кадар.

– Точно, обновата на Украина е голема можност и за македонските градежни компании. Во обнова може да се вклучат некои поголеми градежни фирми како на пример „Гранит„ кои имаат капацитет да одговорат на потребите. Освен тоа може да се направи конзорциум од повеќе градежни фирми за да има повеќе работна сила, а и техничката подготвеност ќе биде поголема. Но за да се случи тоа државата треба да даде банкарска гаранција. Ако државата дададе банкарска гаранција и ако интерес градежните компании може многу да профитираат, а бенефит ќе има и македонската економија, изјави за „Локално“, Никола Велковски сопственик на градежна фирма и градежен експерт.

Никола Велковски

Никола Велковски

Според него, како што стојат работите во моментотов многу малку компании имаат капацитет и располагаат со поголема работна сила за изведување на градежни зафати кои се потребни во Украина.

Економиските аналитичари, пак, сметаат дека крајот на војната може да има позитивен ефект врз возобновување на трговската размена со Русија и Украина. И покрај тоа што Македонија нема голема економска соработка ниту со Русија, ниту со Украина и од двете земји повеќе увезува отколку што извезува, сепак бројките не се занемарливи.

Синиша Пекевски

Синиша Пекевски

-Секако дека завршување на конфликтот во Украина може да придонесе до раст на македонската економија преку различни индустрии. Но мора да имаме во предвид дека тие договори сега се прават а не кога ќе заврши конфилктот, добро е што имаме добри односи со САД кои можат да не вклулчат во обновата на Украина, но треба и да ги затоплиоме односите со Русија како би имале простор за извоз и работа и во Русија. Мудра политика води кон избаланисран однос кон сите страни и гледање на сопствениот интерес, изјави за Локално, Синиша Пекевски економски аналитичар.

Во текот на минатата година трговската размена, односно вкупниот увоз и извоз на земјава со Русија изнесувала 117 милиони евра, а со Украина 93,5 милиони евра. Во 2024 година на украинскиот пазар биле извезени производи во вреднодт од 22,5 милиони евра. Најмногу се извезувале антибиотици во вредност од 7,1 милион и зелка вредна 6,1 милион евра. И во Русија најмногу сме извезувале лекови, а нивната вкупна вредност лани изнесувала 37,7 милиони евра.

Што се однесува до увозот, тој е за два и повеќе пати поголем од извозот. Од Украина сме увезле производи во вредност од 71 милион евра. Најголем дел или речиси 20 милиони отпаѓаат на плоснато валани производи од железо или челик, потоа сурово масло од сончоглед – 16,4, и репка или шеќерна трска – 15,6 милиони евра. Од Русија, пак доминантен е увозот на природен гас во вредност од 99,2 милиони евра. Тоа претставува дури 85 отсто од вкупниот увоз од рускиот пазар направен минатата година во вредност од 117 милион евра.

Експертите сметаат дека крајот на војната ќе влијае позитивно и врз европската економија, а со тоа индиректно и врз македонската.

Б.С.

Слични содржини