Обвинители биле во Косово во потрага по докази за скандалот „Онкологија“, наскоро средба и во Албанија

од Nikola Popovski
205 прегледи

Тим од обвинители од Јавното обвинителство во текот на вчерашниот ден беше во косовското Обвинителство и оствари директна средба за обезбедување докази во врска со предистрагата поврзана со работата на Клиниката за радиотерапија и онкологија, информираат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Од косовските органи, преку контакт-точките во Европската правосудна мрежа, се побарани конкретни податоци неопходни за проверка на наводите врз основа на кои беше отпочната предистрагата. Притоа, косовските обвинители изразија подготвеност за соработка и за обезбедување на потребните податоци.

Во следниот период, во зависност од потребите на предистрагата за обезбедување докази, слична ваква средба ќе биде организирана и во обвинителството во Република Албанија, додаваат од ЈО.

Се наведува дека тимот на обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје продолжува да ги презема сите дејствија за целосно испитување на настанот. Секојдневно се вршат распити на пациенти и нивни блиски, на стручни медицински и на други лица кои би можеле да имаат определени сознанија.

-Министерството за здравство до Јавното обвинителство го достави извештајот од Државниот здравствен и санитарен инспекторат кој се однесува на работата на Клиниката за онкологија.

Исто така, по наредба на јавните обвинители, во тек е финансиска истрага, како и детално вештачење на економско-финансиското работење на Клиниката кое го врши тим од вешти лица, ревизори од Државниот завод за ревизија и претставници на Фондот за здравствено осигурување, стои во соопштението на ЈО.

Јавното обвинителство во петок  поднесе обвинение за „проневера“ против медицинската сестра од Клиниката за онкологија која крадела цитостатици. Осомничената не е достапна за органите на прогонот.

Медицинскиот директор на Универзитетската клиника за онкологија и радиотерапија, Виолета Клисаровска на почетокот од месецов информираше дека медицинската сестра била фатена во повторен обид за кражба и дека е отстранета од работа. На новинарско прашање какви овластувања имала сега отпуштената, директорката одговори дека станувало збор за медицинска сестра во дневната болница и не била директно поврзана со припрема на лековите.

Обвинителството отвори истрага за случајот, откако во медиумите беа објавени текстови за разработена криминална бизнис мрежа на Клиника за онкологија за препродавање на лекови, односно дека во оваа шема биле вклучени повеќе доктори и медицински персонал на клиниката.

Според пишувањата на дел од медиумите, скапата биолошка терапија за болните од рак се препродавала на црниот пазар, односно според некои неофицијални информации, терапијата се препродавала на Косово. Дел од обвинувањата се и дека наместо имунолошка терапија со цитостатици, болни од рак на Клиниката за онкологија, всушност примале физиолошки раствор.

Ваквите обвинувања предизивикаа гнев во јавноста и оттогаш речиси секојдневно се бараат имиња на одговорните лица и разрешница на овој случај.

Слични содржини