Обвинителот Љупчо Коцевски единствен кандидат за замена на Јовески, отпаднаа Раичевиќ и Фетаи

од Nikola Popovski

Советот на јавни обвинители едногласно даде позитивно мислење за кандидатот Љупчо Коцевски да биде нов државен јавен обвинител.

Кандидатот Лидија Раичевиќ не доби позитивно мислење од Советот, додека за Фатиме Фетаи не се расправаше, поради нецелосно доставена документација.

На дневен ред на денешната 94. седница на Советот беше само една точка – давање мислење за пријавените кандидати на Огласот за именување на јавен обвинител на Република Северна Македонија.

Претседателката на Советот на ЈО Душица Димитриеска, на почетокот информираше дека документите на Фатиме Фетаи се некомплетни и дека Советот не пристапува на гласање.

На огласот за нов државен јавен обвинител пријавени беа тројца кандидати – Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство на РСМ.

Советот на ЈО, согласно законските одредби дава позитивно или негативно мислење до Владата, по што Владата до Собранието предлага еден од кандидатите што добил позитивно мислење.

Собранието го објави огласот на 29 ноември годинава, откако пратениците ја изгласаа одлуката за именување нов јавен обвинител.

На актуелниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески мандатот му заврши на 25 декември, а Советот на ЈО на седница минатата недела ја избра обвинителката Соња Симовска од Државното јавно обвинителство за вршител на дожноста до завршување на изборот.

Според Законот за јавно обвинителство за јавен обвинител може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.

Слични содржини