Обвинителствата на Бугарија и Македонија заедно ќе ја истражуваат несреќата

од Nikola Popovski
286 прегледи

Продолжува истрагата за сообраќајната несреќа во која загинаа 45 македонски граѓани во вторникот рано наутро, кај селото Боснек во Перник, западно од Софија.

Во посета на местото на несреќата со главниот обвинител на Северна Македонија Љубомир Јовевски, бугарскиот заменик обвинител Борислав Сарафов рече:

„Дојде до експлозија во автобусот. Жртвите се идентификуваат“.

Тој рече дека се очекуваат примероци од  Македонија за да се утврди идентитетот на патниците.

„Сликата од настанот останува се појасна. Од седумте повредени патници, кои се хоспитализирани во болницата Пирогов во Софија, изјави се земени од две лица. Другите се во шок. Зедовме изјави и од некои очевидци од местото на несреќата. Ја истражуваме причината за експлозијата“, рече Сарафов.

Тој додаде дека истрагата ќе ја води Бугарија и дека посебна истрага нема да се води во Северна Македонија.

„Со бугарските власти соработуваме со години. Се надеваме дека за кратко време ќе се откријат причините за несреќата“, рече Јовевски.

Тој ја опиша несреќата како „голема трагедија“.

„Во несреќата загинаа 12 деца. Изразувам сочувство до нивните семејства. Ќе ги откриеме сите детали како дел од нашата соработка. Ќе ја пружиме потребната помош за идентификација на загинатите“, нагласи Јовевски.

Македонската влада прогласи тридневна жалост.

-Со едноминутно молчење во чест на жртвите во трагичната сообраќајна несреќа во Бугарија и сочувство со нивните семејства, Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна седница одлучи да прогласи тридневна жалост во целата земја, се вели во соопштението на Владата.

Најмалку 45 лица загинаа откако рано во вторникот се запали автобус со македонски регистерски таблички на автопат во западна Бугарија. Меѓу загинатите има и 12 деца.

Слични содржини