Обвинителство: Ги приложивме сите докази дека постои опасност четворицата осомничени за инцидентот во М-НАВ да се дадат во бегство

од Nikola Popovski
223 прегледи

Јавниот обвинител во својата жалба до Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје детално ги образложи причините поради кои смета дека одлуката на судијата на претходна постапка да не определи мерка притвор за осомничените во конкретниот случај е неоснована, соопштија денеска од Основното јавно обвинителство како реакција на соопштението на Кривичниот суд.

-Обвинителството ги има и ги приложи сите докази дека постои реална опасност четворицата осомничени кои се лишени од слобода да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци (вклучувајќи ги и оштетените, но и осомничените кои се уште се недостапни), како и да го повторат делото, додаваат од ОЈО.

По реакцијата на Кривичниот суд дека не се приложени доволно докази за делото за кое се гонат осомничените, од Обвинителството објаснуваат:

-Во однос на обележјата на кривичното дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од член 303 од КЗ опишано во ставот 2 oд тој член, тие се исполнети со самата можност да се загрози безбедноста на аеродром за меѓународeн воздушен сообраќај со акт на насилство и не е неопходно да настапила катастрофална штетна последица во смисла на тешка повреда, смрт или уништување, посочуваат од Обвинителството.

Претходно од Основнот кривичен суд Скопје по реакциите кои произлегоа од неправосилните одлуки на Судот за случувањата во М-НАВ, соопштија дека Судот постапува пред се врз основа на приложената документација/докази доставени од ОЈО и МВР и врз основа на слободно судиско убедување.

Од Кривичен нагласуваат дека јавноста мора да се запознае со релевантните податоци за настанот, внимавајќи притоа и на тајноста на истрагата, а со единствена цел да се отфрлат сите непроверени шпекулации кои се пласираат, а со кои се влијае врз судско обвинителската постапка.

– Имено, неспорно е дека настан од кривично правен аспект постоел, па затоа со цел да се овозможи непречено водење на кривичната постапка односно истрага од страна на надлежен обвинител, судот смета дека е неопходно да се обезбеди присуство на осомничените лица. Но, потребно е да се знае дека во наредбата за истрага за конкретниот настан опфатени се 8 лица, а до овој момент доставен е предлог за определување мерки за обезбедување присуство, како и докази за нивна инволвираност, само за четворица, се вели во реакцијата од Кривичен.

Во врска кривично правниот настан, истакнуваат дека, законското битие на кривичното дело од член 303 став 2 од КЗ, кое им се става на товар е дека: „Тој што ќе изврши дело со кое ја загрозува или може да ја загрози безбедноста на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај, со користење на уред, материја или оружје, незаконски и со намера да изврши дело на насилство против лице на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај со која предизвикува или може да предизвика тешка повреда или смрт, или да уништи или оштети уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај“.

Слични содржини