Обвинителството бара притвор за Зеќири: „Постои сомнеж за бегство“

од Nikola Popovski
282 прегледи

Нема одлука, сега заврши рочиштето. Кога ќе одлучи судот, ќе биде објавена одлуката, изјави обвинителката Катерина Коларевиќ после распитот на поранешниот генсек во Владата, Мухамед Зекири во Кривичниот суд.

Според обвинителката, осомничениот бил соочен со аргументите кои што ги бара Законот за кривична постапка.

-Во овој момент, доказ за бегство нема, но постои сомнеж. Тоа се оперативни сознанија според судот. Доколу судот ги прифати, ќе бидат соопштени. Се бара притвор за осомничениот, истакна Коларевиќ од пред Кривичниот суд.

Во однос на двајцата хрватски државјани, обвинителката изјави дека најверојатно ја имаат напуштено државата, според оперативните сознанија на МВР.

-Судот до нив има доставено наредба за приведување. Дури откога ќе добие официјален податок по наредбите, ќе кажеме со сигурност дали се тука или не. Доколку се надвор од Македонија, ќе ги донесеме со потерници, кажа обвинителката, додавајќи дека вкупната сума на пари за која постои сомнение дека е проневерена изнесува околу 57 милиони денари.

Зеќири, за кого беше издадена наредба за приведување, дојде во судот пред да го најдат полицајците. Тој без коментар влезе во судската зграда, не кажа дали планирал бегство, ниту дали е виновен за делото за кое се гони.

Од Jавното обвинителство на Република Северна Македонија, според опишаните дејствија во наредбата, утрово соопштија дека постои основано сомнение дека првоосомничениот висок функционер во Владата на РСМ во својство на службено лице сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. ст.3 в.в. ст.1 од КЗ на РМ, за што му помогнале останатите двајца осомничени.

Слични содржини