Обвинителството од вотрник ќе ги истражува аудио материјалите кои во петокот вечерта беа објавени на Јутјуб, а во кои се слуша глас кој на ликува на оној на сведокот во случајот „Рекет“. Освен самите материјали, ќе биде истражувано и тоа кој ги објавил, бидејќи се поставени од анонимен канал на мрежата.
Од Министерството за внатрешни работи за Локално велат дека Обвинителството до сега нема побарано поддршка од нив во врска со аудио материјалите кои се поврзуваат со „Рекет“.
„За се што до сега Обвинителството побарало поддршка од МВР за „Рекет“, како и за сите останати случаи, ние сме постапиле. Доколку одлучат дека им треба поддршка, ние ќе постапиме“, вели Сузана Прањиќ Талевска, началник на одделението за информации од јавен карактер.
Инаку по објавувањето на аудио материјалите на Јутјуб каналот, обвинителката Вилма Русковска, која го води случајот „Рекет“ во изјава за Локално рече дека овие материјали не биле на хард дисковите кои како докази биле доставени до нив и обвинителството ќе ги истражува снимките, но и тоа кој ги објавил.
Во меѓувреме, од вторник продолжува и судењето за случајот, во кој првообвинет е Бојан Јовановски – Боки 13 и поранешната Специјална јавна обвинителка, Катица Јанева. Третообвинетиот Зоран Милевски – Кичевски призна вина на првото рочиште и доби тригодишна затворска казна.
Александар Тодески