Обвинителството свика прес за апсењето на Тодоровиќ и малверзациите околу мостот „Око“

од Nikola Popovski

За денеска во 13 часот е закажана прес-конференција, на која Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ќе образложи за апсењето на поранешниот прв човек на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и уште неколку лица. Од ОЈО појаснуваат дека е постапување по предмет од проектот „Скопје 2014“.

За малверзации околу изградбата на пешачкиот мост „Око“, покрај Тодоров беше уапсен и Владимир Здравев, поранешен претседател на Советот на општина Центар.

Финансиската полиција пред 5 години освен против Тодоровиќ, пријава поднесе и против М.Т., поранешен секретар во Општина Центар, и Д.Р. вработен во секторот за градежно уредување во Општина Центар за несовесно работење во службата со што нанеле штета на буџетот од над 433 000 евра. Од Финансиска полиција тогаш соопштија дека пријавените се согласиле да ја надоместат штетата во целост и дека веќе добиле потврда од Општина Центар дека пријавените ги вратиле парите на сметка на општината на 30 јуни.

Тогашниот директор на управата, Арафат Муареми, рече дека другите предмети од проектот „Скопје 2014“ за кои е надлежна финансиска полиција се во предистражна постапка, а за мостот „Око“ целосно е завршена истрагата. Тој рече дека од предистрагите произлегле сомневања за одлевање пари од земјава.

Слични содржини