Обвинителството во Нови Сад најави објавување на целокупната документација за падот на настрешницата

од Vladimir Zorba
42 прегледи

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад на 30 декември објави дека на својата веб-страница ја става на располагање „целокупната достапна документација и информации собрани во текот на предистражната и истражната постапка“ во врска со падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад.

Документацијата, како што се наведува во соопштението, е објавена „признавајќи го легитимниот интерес на јавноста да биде запознаена со споменатата документација“.

„Со тоа што медицинската документација, која вклучува фотографии, снимки и записи за починатите и повредените, е исклучена од споменатата документација, со оглед на тоа што приватниот интерес на нивните семејства и на нив овде е поважен од интересот на јавноста“, се вели во соопштението на обвинителство.

Во соопштението се додава дека, поради обемноста, документацијата ќе се објавува во неколку последователни чекори, но без одлагање.

На веб-страницата на обвинителството досега меѓу другото се објавени градежните дневници, проектот за реконструкција на станицата, извештаи од инспекциски надзор и друго, пишува РСЕ.

Врховниот јавен обвинител на Србија, Загорка Доловац, на 30 декември објави дека обвинителствата во Србија ги исполниле барањата што студентите кои ги блокираа факултетите ги доставија до обвинителството, како и дека целокупната документација за падот на настрешницата ќе биде објавено.

„Во овој случај, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад го започна процесот на ставање на располагање на пошироката јавност сите доказни документи и информации на обвинителството на официјалните компјутерски сервери на Јавното обвинителство, кои се јавно достапни“, соопштија од Врховното јавно обвинителство.

Објавувањето на целокупната документација за падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, несреќата во која загинаа 15 лица, е едно од барањата на студентите кои ги блокираат факултетите во Србија.

Во Србија блокирани се повеќе од 60 факултети на четири државни универзитети, неколку ректорати и десетици средни училишта.

Владата на Србија на 13 декември објави дека ги објавила сите документи на Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура во врска со „можното извршување на кривично дело“ при уривањето на настрешницата на зградата на станицата во Нови Сад, но подоцна дел од факултетите и студентите во блокадата тврдеа дека не станува збор за комплетна документација.

Градежниот факултет во Белград на 19 декември објави дека направил прелиминарна анализа на расположливата документација за зградата на железничката станица во Нови Сад, објавена на веб-страницата на Владата на Србија и дека заклучокот е дека клучната документација „недостасува“.

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад поднесе обвинение против 13 лица по повод несреќата во Нови Сад на 30 декември, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт Горан Весиќ и поранешната директорка на српската железничка инфраструктура, Јелена Танасковиќ.

Слични содржини