Фотографиите и снимките од упадот на демонстрантите во Конгресот на САД за да ги променат резултатите од претседателските избори го шокираа светот.
Четири лица беа убиени за време на нападот, кој го започнаа приврзаниците на американскиот претседател Доналд Трамп, откако тој им се обрати на митингот во Вашингтон во средата.
Ова не е првпат зградата, која се смета за симбол на американската демократија, да биде мета на напади и насилство.
Од бомби до странски инвазии – ова се четирите пати, кога бил нападнат Капитол Хил, пренесува Би-Би-Си.
Британските сили се обидоа да го запалат во 1814 година
Можеби еден од најпознатите напади беше извршен од британските сили за време на војната во 1812 година.
Британските трупи, предводени од вицеадмиралот Сер Александар Кокбурн и генерал-мајор Роберт Рос, го запалија Капитол, кој сеуште беше во изградба по инвазијата на Вашингтон во август 1814 година (иако зградата преживеа благодарение на дождот).
За да се одмаздат за американското палење на главниот град на Горна Канада во Јорк една година порано, британските трупи запалија други делови од градот и клучните згради, вклучително и Белата куќа.
Нападот од 1814 година беше единствениот пат кога странска сила го окупираше Вашингтон.
Напад со динамит на 4 јули 1915 година
Еден век по британскиот напад, Ерик Муентер, поранешен германски професор на Харвард, фрли три парчиња динамит во просторијата за прием во Сенатот.
Експлозијата ја оштети зградата, но никој не загина.
Муентер подоцна рече дека нападот е одговор на американски финансиери кои ѝ помогнаа на Велика Британија против Германија во Првата светска војна.
Ден по нападот, Муентер пукал и го повредил финансиерот ЈП, Морган Џуниор, пред неговиот батлер да го совлада, по што бил уапсен. Подоцна си го одзел животот.
Напад на порториканските националисти во 1954 година
На 1 март 1954 година, четворица порторикански националисти го извлекоа знамето на островот и извикуваа „Слобода за Порторико“, по што отворија оган од галеријата за посетители во Претставничкиот дом, при што беа повредени пет конгресмени.
– Јас не дојдов да убијам никого, дојдов да умрам за Порторико – изјавила лидерката Лолита Леброн, при апсењето.
Леброн била осудена на 50 години затвор, додека тројца мажи добиле по 75 години.
Сите казни подоцна беа променети од претседателот Џими Картер. Неговата администрација рече дека ослободувањето „ќе биде значаен хуманитарен гест и ќе го види поголемиот дел од меѓународната заедница“.
Групата потоа се врати во Порто Рико, каде беа пречекани со државни почести.
Бомба во Сенатот – 1983 година
На 7 ноември 1983 година избувна експлозија на вториот кат во Сенатот.
Само неколку минути пред експлозијата, некој што тврдеше дека е од група наречена „Отпорот на вооружена единица“ се јави во седиштето на Капитол за да предупреди за иден напад, велејќи дека тоа е одмазда за американските воени акции во Гренада и Либан.
Немало жртви, но е направена голема штета.
Во 1988 година, ФБИ уапси седум члена на радикалната левичарска група „Resistance Conspiracy“ за нападот на Капитол Хил и одделни експлозии во 1983 и 1984 година.
Линда Еванс и Лора Вајтхорн беа затворени за заговор и злонамерно уништување на владиниот имот во 1991. И двете сега се на слобода.