Задутре почнува зимскиот распуст за учениците од основните и средните училишта, а наставата ќе продолжи на 21 јануари.
Согласно со измените на Календарот за организација на работата на училиштата (основни и средни), првото полугодие оваа учебна година почна еден месец подоцна, односно на 1 октомври, а бројот на наставни денови е намален од 180 на 159.
Зимскиот распуст е во период како и во минатите години и, иако имаше барања, не беше предвремен затоа што повеќето од вкупниот број ученици во земјава наставата ја следат онлајн, а кај оние со физичко присуство, како што информираше МОН, заразени ученици и наставници има под 1 процент и училиштата не се преносители на вирусот.
За време на зимскиот распуст средношколците нема да можат да користат бесплатен автобуски превоз. Од ЈСП „Скопје“ велат дека бесплатните автобуски карти нема да им важат додека трае распустот, што е пракса изминативе години. а со почетокот на второто полугодие пак ќе можат да се користат.
„Средношколците од прва година, од почетокот на второто полугодие, бесплатен јавен превоз ќе можат да го користат само со персонализирана картичка ‘Скопска‘. Тоа значи дека од први јануари прекинува да им важи времениот хартиен билет и ќе мора да извадат персонализирана картичка во билетарниците на претпријатието“, велат од ЈСП „Скопје“.