Од денес граѓаните ќе можат да патуваат по експресниот пат Штип – Радовиш: Пуштени првите 23 километри

од Nikola Popovski
400 прегледи

Премиерот Зоран Заев и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски јапуштија во употреба првата делница од експресниот пат Штип – Радовиш во должина од 23 и пол километри.

„Од денес граѓаните ќе можат да патуваат по експресниот пат Штип – Радовиш, кој е комплетно завршен со должина од 23,56 километри од клучката Штип-југ до Бучим. Оваа прва фаза е завршена на 22 април годинава, пред предвидениот рок, во услови на пандемија. Кога застана целиот свет, тука се работеше интензивно. Така, во рок од три години, согласно предвидената динамика добивме завршен проект по сите европски правила за подигнување на нивото на безбедност во сообраќајот и изградба на експресен пат по најсовремени стандарди. Сакам да напоменам дека во последните триесет години ова е единствениот пат завршен пред предвидениот рок и силно верувам дека овој тренд на прецизност, висока професионалност и без никакви проектни и градежни отстапувања ќе се следи и во иднина“, рече премиерот Зоран Заев.

Патот е изграден по највисоки стандарди за безбедно одвивање на сообраќајот, со две коловозни и две помошни ленти со широчина од 12,5 метри. Максималната дозволена брзина е 110 км/час.

Министерот Бочварски рече дека експресниот пат Штип-Радовиш е од огромно значење и за економскиот развој на регионот ако се има во предвид дека овде работат околу 12 илјади мали и средни претпријатија.

„Изведени се вкупно 7 под патници и над патници, 11 мостови, од кои еден е со должина од 322 метри и е единствен од ваков тип во Европа“, изјави Бочварски и додаде: „Сакам да информирам дека интензивно работиме и на изградба на втората фаза од овој експресен пат делниците од клучка Три чешми до Штип-Југ како и делница од Бучим до Радовиш. Очекуваме оваа делница комплетно да биде завршена средината на следната година. Овој експресен пат е дел од државната А4 рута, започнувајќи од граничен премин Блаце, преку обиколницата Скопје и новиот автопат до Штип, и преку овој експресен пат се поврзуваме со соседна Бугарија.  На тој начин добиваме брза патна врска по целиот Југоисточен регион.  Оваа Влада докажа посебен фокус на рамномерниот развој на државата инвестирајќи во модерни и квалитетни проекти кои носат економски бенефит не само за граѓаните туку и за цела држава“, изјави министерот.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ со реакција дека експреспресниот пат е целосно изготвен проект на претходната Влада уште во 2015 година.

„Социјалдемократскиот сојуз на готово доби изведувач на работите на овој пат, и заради нивната неспособност не успеаја да ги завршат на време како овој проект, така и останатите проекти започнати од ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Иван Јорданов, ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини