Од денес ќе се пијат поевтина вода и пиво, се намалува и цената на овошјето и зеленчукот

од Nikola Popovski
530 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски вчера соопшти дека се проширува списокот на производи со ознака „гарантирана цена“ и најави дека од денес поевтинуваат безалкохолните пијалоци, газираната и негазираната вода и пивото, а се намалува и маржата за овошјето и зеленчукот.

„Со денешната владина одлука на списокот со гарантирани цени влегуваат и безалкохолните пијалоци, газирана и негазирана вода и пиво. Донесовме и нова одлука за намалување на маржата за овошјето и зеленчукот, со што дополнително ќе се намалат цените на тие производи и до 30 отсто“, рече Ковачевски на прес-конференција во Владата.

Тој посочи дека производителите на безалкохолни пијалоци и вода општествено одговорно и самоиницијативно се вклучиле во програмата „Гарантирана цена“.

„Владата на Северна Македонија, на денешната седница, на предлог на Министерството за економија донесе нови одлуки за намалување на цените во трговијата на големо и мало на светло и лагер пиво, газирани и негазирани пијалоци, со исклучок на енергетските пијалоци, минерална газирана и негазирана природна изворска вода“, рече вчера Ковачевски.

Со таа одлука се утврдуваат највисоките цени на тие производи на ниво од 19 септември, намалени за 10 отсто во трговијата на големо.

Трговците се должни да ги одредат цените и јасно да ги означат со ознака „гарантирана цена“. Тие цени ќе важат до 30-ти ноември.

Владата на вчерашната седница највисоките профитни маржи во трговијата ги утврди кај свежото овошје и зеленчук, во трговијата на големо за 10 отсто, а во трговијата на мало 15 отсто.

„Со ова очекуваме да се намали цената на овошјето и зеленчукот за околу 30 проценти. Пред нас се одлуки за намалување на увозните давачки за свеж зеленчук, ориз, портокали, лимони, мандарини, како и за намалување на царините за млечни производи со содржина на маснотии над 10 проценти“, рече премиерот.

Владата претходно објави листа на околу 500 производи во 25 категории, за коишто маркетите беа обврзани да ја намалат цената за најмалку 10 проценти. За оние коишто не ја почитуваат мерката се предвидени казни, но и затворање на маркетите.

„Со септемвриското зголемување на платите од 10 отсто, како и линеарното зголемување на пензиите согласно методологијата утврдена претходно, очекуваме двоцифрена инфлација да падне на осум отсто, а кај храната да биде до пет отсто“, порача Ковачевски.

Слични содржини