Од лулка до гроб: Како ќе бидат засегнати Американците од царините за Кина?

од desk2
136 прегледи

Шестдневната јавна расправа по предлогот на американската администрација за воведување на царини до 25 проценти за увоз на кинески стоки за 200 милијарди долари започнува денеска во Вашингтон, јави Ројтерс.

Компании и бизнис асоцијации од голем број сектори сепак предупредуваат дека планираните увозни давачки, дел од напорите на претседателот Доналд Трамп и постојаниот трговски претставник на САД да го притиснат Пекинг да ја промени трговската и економска политика, ќе ги принудат Американците да платат повеќе за предмети кои ги користат во секојдневниот живот – од лулка до гроб.

За разлика од претходните кругови американски царини, при што администрацијата вложи напори да ги заштити потрошувачите, насочувајќи се на кинески индустриски машини, електронски компоненти и други стоки, сега се очекува илјадници стоки за широка потрошувачка да бидат засегнати директно од царините до крајот на септември. Листата на стоки во вкупна вредност од 200 милијарди долари вклучува морска храна, мебел и материјали за осветлување, автомобилски гуми, хемикалии, пластика, велосипеди и автомобилски столчиња за бебиња.

„Царините предложени од постојаниот трговски претставник за дополнителен кинески увоз од 200 милијарди долари, значително ќе ги зголемат штетите за американските потрошувачи, работници, компании и економија“, предупредува Стопанската комора на САД во писмената изјава за јавноста.

Комората, која е водечка лобистичка група на американскиот бизнис, вели дека администрацијата на Трамп не располага со „сеопфатна стратегија“ против кражбите на интелектуална сопственост, извршена од Кина, и други трговски практики кои прават штета. Организацијата повикува на сериозни разговори со Пекинг.

Се очекува претставници на американската администрација од средно ниво да се сретнат со свои кинески колеги подоцна оваа недела во Вашингтон за да разговараат за трговскиот конфликт меѓу двете земји. Сепак, не е познато дали преговорите ќе имаат влијание врз наметнувањето на американските дaвачки и соодветниот одговор на Кина.

Според весникот „The Wall Street Journal“, преговорите ќе се одржат на 22 и 23 август, токму кога влегуваат во сила нова серија американски царини за кинеските стоки во вредност од 16 милијарди долари. Новите тарифи на САД стапуваат на сила на 23-ти август.

Во над 1.400 писмени изјави поднесени до канцеларијата на постојаниот трговски претставник, кои ќе се одразат при дебатите, повеќето компании велат дека царините ќе донесат штета и повисоки цени за производи кои се движат од костими за Ноќта на вештерките и Божиќни ламби до компоненти за производство на нуклеарно гориво.

Релативно мал е бројот на компаниите кои ги одобруваат новите царини или сакаат тие да бидат проширени и до други стоки.

Според Graco Children’s Products Inc., пододдел на Newell Brands Inc., царините „ќе имаат директно негативно влијание врз нашата компанија, американските родители и најважно, врз безбедноста на американските деца“.

Компанијата наведува дека повисоките цени би можеле да ги принудат родителите да купуваат детски автомобилски столчиња, нишалки и преносни детски кошарки од втора рака.

На другиот крај на животниот круг, претседателот на Centennial Casket Corp. Даглас Чен вели дека неговата компанија се потпира на кинеските ковчези. Царините ќе предизвикаат голема загуба и ќе ги зголемат цените за ужалени семејства во еден од најтешките моменти од нивниот живот, вели тој.

Здружение на интернет компании, кои претставуваат концерни како Facebook, Amazon и Alphabet, забележува дека царините ќе „предизвикаат непропорционални економски штети на американските интернет компании. Листата вклучува производи кои влијаат на работата на интернет компаниите“.

Westinghouse Electric, водечкиот американски производител на нуклеарно гориво, соопшти дека се потпира на кинески циркониум и циркониумски прашоци, какви што не се добиваат во САД. На крајот, давачките ќе ги зголемат трошоците за електрична енергија на значителен дел од американските потрошувачи, според корпорацијата.

Huffy Corp., најголемиот бренд американски велосипеди, со годишна продажба од 4 милиони велосипеди, произведени во Кина, вели дека царините од 25 проценти се сериозна закана за компанијата.

Царините требаше да бидат наметнати пред 20 години, кога Huffy и други американски производители бараа царина од 11 отсто поради премногу агресивниот кинески увоз, посочува главниот извршен директор, Бил Смит. Кога нивните напори претрпеле неуспех, Huffy затворила три фабрики во САД во 1998 година и 1999 година, оставајќи без работа 2.000 вработени, и се пренасочува кон кинески велосипеди.

„Овие предложени давачки се премногу ниски и доаѓаат премногу доцна. Подигнувањето на тарифите ќе предизвика само проблеми и трошоци и ќе чини работни места за независни дилери на велосипеди“, вели Смит.