Србин спасил Македонец од давење во морето во Грција. Инцидентот се случил пред неколку дена, а благодарение на присебноста на српскиот турист и помошта од присутна докторка, животот на скопјанецот бил спасен. Се работи за брачен пар од Скопје кој уживал на одмор и влегол во морето држејќи се за рака. Иако жената знаела да плива, нејзиниот сопруг не умеел, но сепак се оддалечиле околу 50 метри од брегот, каде што водата била подлабока.
Во еден момент, мажот почнал да тоне, а девојка што се наоѓала во нивна близина повикала за помош. Србинот, кој се одмарал на плажата, веднаш реагирал – скокнал од лежалката и без двоумење се фрлил во водата. Со голем напор успеал да стигне до давениот маж и да го извлече на безбедно, на суво.
На местото на настанот се нашла и млада докторка која веднаш започнала со реанимација. По неколку минути, мажот покажал знаци на живот – ги помрднал рацете и нозете, а брзата помош пристигнала и го пренела во болница.
Случајот го објави страницата „Грција Инфо“, а овој чин на хуманост и пожртвуваност доби бројни пофалби од јавноста. Благодарение на одлучноста на српскиот турист и медицинската помош на лице место, спасен е еден човечки живот.