Од сабота повторно се отвора Скопската зоолошка

од Nikola Popovski
17 прегледи

Скопската зоолошка градина извести дека од оваа сабота, 9-ти ноември повторно ќе биде отворена за посетителите. ЗОО Скопје ќе работи со редовно работно време од 09:00-17:00 секој ден.

Скопската Зоолошка градина беше затворена на 19-ти октомври, поради тоа што од Агенцијата за храна и ветеринарство беше утврден птичји грип кај гуска што долета во езерцето однадвор. Инспектори од Агенцијата извршија увид, по што, како што раскажаа вработените, убиени беа сите птици кои се наоѓале во езерото поради контакт со заразената гуска.

Од Зоолошката градина пак, во објава на социјалната мрежа Фејсбук, најавија дека ќе поднесат кривични пријави против директорот на АХВ, инспекторите и „лицата кои со оружје упаднале во ЗОО – Скопје“.

Во објавата ЗОО Скопје посочува дека „целта е да се предизвика нов измислен проблем, и да се обезбеди алиби за затворање на ЗОО Скопје со цел наштетување на угледот“.

Со  лабораториски наод  од Националниот институт  за храна  и ветеринарство при Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје (ФВМ) од 28.10.2024 година, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), потврди нов случај на болеста високо патогена авијарна инфлуенца H5N1 (птичји грип) кај 1 угината дива птица – гуска во резиденцијалниот комплекс Свети Јован во скопско Злокуќани. Направено е лабораториско тестирање на 2 живи птици (лебеди) кај кои не е утврдено присуство на вирусот.

Вирусот може да предизвика големи загуби во живинарската индустрија и ограничувања во увозот и извозот на живи птици и производи од живина. Дивите птици се познати како резервоари за вируси на птичји грип, главно од ниско патогени соеви. Високопатогените соеви вирусот се патогени за живината, но како зооноза болеста може да се пренесе и на луѓето.

-Досега не е докажан случај на пренос на високопатоген сој од живина на луѓе иако е повеќе години во циркулација
во земјите од ЕУ, соопштија од АХВ.

Слични содржини