Од Министерството за внатрешни работи најавија дека долгоочекуваниот едношалтерски систем на граничниот премин Блаце – Елез Хан со Косово ќе започне со работа од сабота, 12 април.
Иако првично беше планирано системот да функционира од крајот на март, воведувањето беше одложено поради технички предизвици.
Овој систем ќе овозможи само една проверка на границата, за разлика од „One Stop Shop“ системот на Табановце, што значи дека патниците ќе бидат проверени само на една заедничка точка меѓу двете земји.
Промената доаѓа во време кога на овој премин се чекаше долго, особено за време на викендите, кога редовно се создаваа колони од патници кои чекаа по два часа. Со новиот систем, се очекува значително намалување на времето на чекање и подобрување на текот на сообраќајот.