Фармацевтската компанија „АстраЗенека“ на Си-ен-ен ѝ доставила внатрешен извештај со детали за невролошката состојба која ја добила жената врз која била тестирана вакцината против коронавирус.
Волонтерката, кој претходно била здрава 37-годишна жена, „добила попречен миелитис“ откако примила втора доза од вакцината против коронавирус, се вели во извештајот. Таа беше хоспитализирана на 5 септември.
Во документот, означен како „прелиминарен извештај“, се вели дека учесничката во клиничкото испитување, откако ја примила втората доза, имала проблеми со одот, чувствувала слабост и болка во рацете, како и други симптоми, пренесува „Индекс“.
Извештајот е составен на 10 септември и испратен следниот ден до лекарите кои го спроведуваат клиничкото тестирање.
Минатата недела, „АстраЗенека“ пријави „необјаснета болест“ на волонтер во студијата и рече дека привремено ги прекинува клиничките испитувања. Тестирањето беше повторно започнато во саботата во Велика Британија, но не и во САД.
Резултатите од тестовите на разни можни вакцини ширум светот се следат многу внимателно, а вакцината развиена од „АстраЗенека“ во соработка со Оксфорд се смета за најсилен кандидат на глобалниот натпревар. По успешната прва и втора фаза од испитувањето, се кренаа надежи дека оваа вакцина може да биде една од првите на пазарот.
Во третата фаза од истражувањето учествувале околу 30.000 волонтери во САД, Велика Британија, Бразил и Јужна Африка. Ефективноста на вакцината и нејзината безбедност, проценка дали има негативни последици по здравјето – ова се сите предмети што се тестираат во оваа фаза, која може да трае неколку години.
Жена која живее во Велика Британија „доби попречен миелитис“ две недели по примањето на втората доза, а симптомите кои ги имаше беа тешкотии при одење, болка и слабост. Откако експертите ја испитале нејзината состојба, заклучиле дека вакцината може да продолжи да се тестира во Велика Британија и Бразил.
Главниот американски епидемиолог Ентони Фаучи во вторникот за Си-ен-ен изјави дека е „само прашање на време“ кога вакцината ќе продолжи да се тестира во САД. Тој додаде дека во моментот, болеста на волонтерката се смета за „еднократна појава“ и дека „би било невообичаено да се запре тестирањето во целост врз основа на една единствена болест“. Лекарите ќе бидат внимателни овие симптоми да не се појават кај други, потенцира тој.
„Мораме да бидеме особено внимателни и да видиме дали тоа ќе се повтори. Ако тоа се случи, тогаш тоа е сосема поинаква ситуација“, рече епидемиологот.
Заболената пациентка ја прими првата доза на вакцина против коронавирус на почетокот на јуни и немаше несакани ефекти. Втората доза ја прими на крајот на август, а на 2 септември го забележала првиот симптом: се сопнала додека трчала.
Следниот ден, таа развила симптоми кои вклучуваат тешкотии при одење, болка и слабост во рацете, болка и намалено чувство на торзото, главоболка и намалена способност да ги користи рацете, па завршила во болница.
Исто така, се наведува дека 37-годишната жена посетила невролог кој изјавил дека таа во минатото немала невролошки симптоми или хронични болести. Но, се додава дека засега има „ограничени информации за соодветната медицинска историја на субјектот“.
Ниту еден друг сличен случај не е дијагностициран меѓу другите волонтери на испитувањата, а според последните информации, неврологот изјавил дека волонтерката веќе се чувствувала подобро. По независно испитување, утврдено е дека оваа болест најверојатно не е поврзана со вакцината или нема доволно докази за да се утврди со сигурност дали болеста е поврзана со вакцината, се вели во извештајот.
Меѓутоа, сè уште има неодговорени прашања кои ја доведуваат во прашање транспарентноста на „АстраЗенека“. Компанијата откри дека имало „краток прекин“ на тестирањето во јули, кога се разболел друг волонтер. Во тој случај, учесникот во испитувањето за вакцини имал „недијагностициран случај на мултиплекс склероза“, што се сметало дека не е поврзано со вакцината. Тие не објаснија како дошле до тој заклучок или зошто молчеле за тоа повеќе од еден месец.
„Тоа се многу чувствителни прашања“, рече д-р Питер Хотек од Медицинскиот колеџ Бејлор.