Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), преку веќе формираниот проектен тим за имплементација на ВАР-системот, почна да ги спроведува активностите поврзани со системот за судиска помош преку видео технологија.
ВАР-системот во Македонската фудбалска лига треба да почне да се користи од почетокот на следната натпреварувачка сезона 2025/26. ФФМ веќе ги извести УЕФА и ФИФА за почетокот на активностите за спроведување.
За динамиката на активностите информираше лидерот на тимот на проектот за имплементација на ВАР, Дејан Јакимовски.
„Одржавме првичен on-line состанок со ФИФА и веќе дефиниравме дел од важните постапки за имплементација на ВАР системот во МФЛ. Според првичниот план и динамиката на активности, планирано е да започнеме со употреба на видео-технологијата од следната натпреварувачка сезона. Прва МФЛ, Куп на Македонија (од 1/4 финална фаза), Куп на Македонија (финале – жени) и бараж натпревари за Прва МФЛ се натпреварувањата кои ќе бидат опфатени.
Нашата намера е да имплементираме централизиран ВАР систем, посебна просторија во ФФМ, а во зависност од понудите на ВАР провајдерите ќе се започне со употреба на најмногу шест камери по натпревар.
Тоа што, исто така, е исклучително важно за нас е што започнавме со плановите за едукација на ВАР судии. На почеток на месец март во Скопје ќе организираме дводневна работилница на која ќе учестуваат експерти од ФИФА, нашиот проектен тим, судиската и натпреварувачката комисија во ФФМ и останати лица вклучени во проектот.
Во периодот кои следува ќе започнеме и со активности поврзани со нова битна работа за имплементација на ВАР системот, а тоа е инфраструктурата на стадионите, односно потврдување на минимум потребните услови што секој стадион ќе мора да ги исполни за да добие лиценца, односно дозвола за одигрување на натпревари. Лиценцирањето на стадионите, централизираните ВАР соби и ВАР судиите го врши единствено ФИФА“, изјавил Јакимовски, соопштија од ФФМ.
Во тимот на проектот ВАР при Фудбалската федерација на Македонија се и Димитар Мечкаровски, Јосип Бартон, Горан Спиркоски и Никола Караколев.