Од денеска граѓаните од ризичните групи кои изразија интерес, ќе може да се имунизираат во сите центри за Јавно здравје низ државата, на вкупно 40 локации.
Досега се пријавиле 30 илјади граѓани, на располагање има 60 илјади четиритипни вакцини.
-Вакцинацијата против грип е докажана изминатите години, многу е ефикасна и апсолутно е безбедно и исправно да се изврши вакцинирање, особено кај постарите, малите деца и тие со хронични болести. За разлика од Ковид, каде што вакцинацијата на младите не беше да речеме во прв ред како препорака, за грип, да, за малите деца стои дека се препорачува вакцинација против сезонски грип за педијатриска популација, изјави Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести.
И Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни матични лекари, истакнува дека за вакцина против сезонски грип главно се одлучуваат хронично болни и постари лица, изнемоштени.
Со бесплатната вакцинација ќе бидат опфатени лицата над 65 години, со хронични заболувања, здравствени работници, бремените жени, децата на возраст од 6 месеци до 5 години, лицата сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во тие установи.
-Вакцинацијата е најефикасна мерка за превенција од сезонски грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход, особено кај ризичните групи, велат од Министерството за здравство.