Од верските календари

од Vladimir Zorba
79 прегледи

 

 

ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 14 мај.

Денеска е Св. маченик Исидор.

Овој Исидор потекнуваше од островот Хиос и уште од мал се држеше до Христовата вера. Кога стана маж го зедоа сосила во војската. Но, таму набргу дознаа дека е христијанин, па војводата го повика кај себе и го советуваше да се откаже од Христа и да им принесе жртва на идолите. Кога овој тврдо ја исповеда својата вера во Христа, војводата го стави на маки, а потоа му го исече јазикот. Но, свети Исидор во срцето постојано го славеше Бога. Најпосле го изведоа да го погубат и џелатот го обезглави. Свети Исидор пострада во 251 година. Неговиот другар Амониј го зема неговото тело и го погреба, поради што и самиот беше убиен.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР

Денеска е Св. Августин, апостол на Англија.

Кога Гргур Велики станал папа во 590 година, го назначил свети Августин за мисионер на британскиот брег заедно со 40 монаси од бенедиктанските манастири. Го проповедал Исусовото учење и во 597 година го покрстил кентскиот крал Етелберт и десетте илјади негови следбеници. Станал голем заштитник на христијанството во своето кралство. Духовниот татко на англиската црква, свети Августин умрел во 605 година.

ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР  

Времето за ифтар и суфур

Во Скопје, времето на ифтар (кога завршува постот), денеска е во 20 часот и 5 минути, додека времето на суфур (кога почнува постот) e во 3 часот и 18 минути.

Времето на ифтар и суфур во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес 2 минути порано, Штип 3 минути, во Кочани 4 минути, во Струмица и Валандово 5 минути, а во Делчево 6 минути порано.

За разлика од времето на ифтар и суфур во Скопје, во Ресен и Битола тие почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево 2 минути, а во Охрид, Дебар и Струга 5 минути подоцна.