Одбележан Денот на македонската полиција

од Берта Китинска
475 прегледи

Денешниот празник го обележуваме во едни поинакви околности коишто ни даваат јасен увид за значењето и улогата на полицијата и во кризни состојби.


Со показна вежба на специјалните единици на МВР и едноминутна почит за загинатите припадници, како и доделување плакети за дипломатскиот кор во знак на благодарност за досегашната успешна соработка и континуирана поддршка во справувањето и надминувањето на последиците од коронавирусот КОВИД-19 и на припадниците на Министерството за догогодишна успешна работа, денеска во Полицискиот центар „Ѓорче Петров” во Скопје беше одбележан 7 Мај, Денот на македонската полиција.

Плакети им беа доделени на Мисијата на ОБСЕ, Делегацијата на ЕУ и на амбасадите на Хрватска, НР Кина,САД, Унгарија, Словенија и Чешка, како и на повеќе вработени во МВР.

– Македонската полиција не само во контекст на актуелните кризни случувања, туку и пошироко во сите други домени на своето работење ќе остане непоколеблив гарант во заштита на уставно-правниот поредок на спроведувањето на законите, на личната и имотна сигурност на секој наш човек. Денешниот празник го обележуваме во едни поинакви околности коишто ни даваат јасен увид за значењето и улогата на полицијата и во кризни состојби како што е впрочем актуелната пандемија со КОВИД-19, рече министерот за внатрешни работи Наќе Чулев во поздравното обраќање.

Тој посочи дека повеќе од јасен показател за потенцијалите и кредибилитетот на македонската полиција е демонстрираната организираност, исполнителност, законска дисциплинираност и пожртвуваност на полициските службеници и на сите други припадници на МВР во исполнувањето на сите зададени обврски и задачи во справувњето со пандемијата и примарно во зачувувањето на човечките животи како бесценета вредност на секое општество.

– Полициската работа колку што е чест истата е ако не и поголема одговорност, зашто во наши раце согласно законите и Уставот ставена е безбедноста и сигурноста на сите наши граѓани. Тоа е би рекол света и благородна обврска кон која што мора да се стремиме и да имаме безусловна почит. Тука нема простор за калкулации, компромиси, селективности. Ние сме сервис на граѓаните, институција посветена и подредена исклучиво на мотото да чува и штити и во таа насока треба според мое длабоко убедување да продолжиме да се развиваме и во годините пред нас, посочи Чулев.

Тој нагласи дека интегративниот процес во ЕУ и членството во НАТО подразбира дека МВР ја има клучната улога.

– Тоа значи засилена и неселективна борба против организираниот криминал и корупцијата. Целосната реализација на оваа важна обврска е возможна доколку кон нејзината реализација пристапуваме обединети и доколку ги надминеме сите препреки кои го попречуваат професионалното извршување на нашите задачи и доколку МВР го ослободиме од сите форми на влијанија кои би можеле на некој начин да фрлат сенка врз неговата работа. Во остварувањето на оваа цел сите сме на иста страна, односно се согласуваме дека со бескомпромисната борба против корупцијата и криминалот можеме да го подигнеме нивото на доверба во нашата институција, а со тоа нашето општество да го направиме подобро место за живеење, рече Чулев.

Модерна институција, додаде тој, подготвена за членство во меѓународните организации подразбира професионални полициски службеници со висок интегритет кои во својата работа ќе постапуваат согласно законот.

Министерот за внатрешни работи истакна дека во сите изминати децении на раст и развој МВР помина низа фази на реформи во сите сфери на полициското работење и тоа во нормативната, во сфера преку носење на законски одредби што ќе не доближат до европските стандарди во полициското работење, техничко-технолошки, кадровски и структурални и организациски промени, односно надградби.

– Сето тоа како во насока на континуирано следење на трендовите во полициското работење, така и во насока на максимална ефективност и ефикасност во функционирањето на тој сложен систем врз којшто почива МВР. Периодот од почетокот на деведесеттите наваму за македонската полиција е период исполнет со исклучително динамични и турбулентни промени во сите сегменти на работата. Години во кои со многу напор, вложување, но и откажување со саможртви, со бројни примери на подготвеност да се положи сопствениот живот на олтарот на слободата полициските припадници покажаа дека се достојни за униформата што ја носат и за заклетвата дадена во името на мирот и безбедноста на граѓаните, потенцира Чулев.

На свеченоста присуствуваа и дополнителниот замени-министер Славјанка Петровска, заменик-министерот Агим Нухиу и државниот секретар Магдалена Несторовска.

Слични содржини