Одбиен предлогот за една изборна единица со отворени листи, ВМРО-ДПМНЕ не го поддржа

од Nikola Popovski
401 прегледи

Предлогот на ЛДП за една изборна единица со отворени листи се најде на маса пред пратениците, но не доби поддршка. За него гласаа само 19 пратеници од опозицијата. Иако претходно премиерот Христијан Мицкоски изјави дека неговата партија ВМРО-ДПМНЕ е за една изборна единица, но да гласаат и граѓаните во дијаспората, пратениците од владеачката партија и владината коалиција сочинета и од ЗНАМ и ВЛЕН, не го поддржаа предлогот.

По гласањето, лидерката на ЛДП, Моника Зајкова објави анкета со гласање на социјалните мрежи со прашањето: „Кој навистина НЕ сака повеќе демократија во која пратениците/советниците се одговорни пред избирачите и во која нема изгубени гласови, односно, кој во Собранието денес НЕ го поддржа предлогот-законот на ЛДП за Македонија како една изборна единица со отворени листи?“.

Целта според ЛДП беше е да се постигне еднаква вредност на гласот на сите граѓани, без разлика на географската распределба. Помалите партии ова го гледаат како шанса за да го добијат својот глас на парламентарните избори или преку отворени советнички листи на локални избори.

Претходно од ДУИ истакнаа дека тие поддржуваат предлог за една изборна единица со отворени листи, но со изборен праг за избор на пратеници – 3% од регистрираните гласачи или 5% од излезените на изборите.