Одблокирана сметката на општина Охрид, вратен долг од 14 милиони евра

од Nikola Popovski
168 прегледи

Одблокирана е сметката на општина Охрид, порача градоначалникот Кирил Пецаков. Вратени се вкупно 14 милиони евра долг по основ на извршни и судски решенија. Градоначалникот вели дека во тоа успеале со многу труд и домаќинско работење.

-Охрид се сака со дела!! Блокираната сметка на ОХРИД и задолжувањето за кое сите зборуваа од осамостојувањето, од денес е МИНАТО! Охрид е одблокирана општина! 14.000.000 евра долг по основ на судски извршни решенија за две години е исчистен, истакна тој.

Пецаков посочи уште дека за официјализирање на одблокирањето на општинската сметка се чекало на одлуката на Владата за бришење на долгот  од некогашното меѓуопштинско претпријатие МЈП „Проаква“, како основачки влог на државата во Државното јавно претпријатие „Колектор“.

-Чесно е тука да се поздрават и споменат напорите кои биле вложувани во минатите десетина години на локалните раководства за раздолжување на општината и осумте милиони евра кои Владата на Република Македонија ги додели на Општина Охрид со единствена намена за раздолжување градот чиј долг во еден период изнесувал околу 33 милиони евра, истакна Пецаков на прес-конференција.

Пред две години, Пецаков во отчетот за сработеното во првата година од својот мандат кажа дека затекнатиот долг од 856.831.830 денари е намален за 202.214.512 денари.

Слични содржини