Општина Охрид со барање до Владата да ги одложи за септември работните активности на влезот од градот

од Nikola Popovski

На иницијатива на градоначалникот Кирил Пецаков, денес, во просториите на Општина Охрид се одржа состанок поврзан со новиот сообраќаен режим на влезот од Охрид кај Подмоље. На состанокот присутни беа преставници на Хотам, угостителсткиот еснаф, туроператори, туристички агенции, СВР Охрид и стручните служби при Општина Охрид.

Градоначалникот во своето излагање пред пристуните ги посочи реакции на граѓаните и воопшто на сите  засегнати од оваа одлука. Дополнително истакна дека е добро едногласно да испратат барање, односно замолница до Владата на Република Македонија и Министерството за транспорт и врски за одложување на градежните работи на оваа делница и тие да продолжат од септември или октомври, имајќи предвид дека не се работи за последните километри од автопатот, па така градежните активности може да се пренасочат на други точки.

Ваквиот став на градоначалникот наиде на одобрување кај присутните и сите учесници освен претставниците на СВР Охрид, го потпишаа барањето кое ќе биде испратено до Владата и Министерството.

-Наведените точки се повеќе од доволни за Министерството за транспорт и врски да ги одложи градежните активности и тие да продолжат од септември, а сега да се врати нормалното фукционирање на влезот во Охрид, велат од општина Охрид.

Според Пецаков, доколку градежните активности се одвиваат по завршувањето на туристичката сезона, товарот од гужвите за влез и излез од Охрид ќе остане на охриѓани, кои ќе бидат потолерантни, во однос на тоа да трпи туризмот.

Во реакција на барањето на охридскиот градоначалник, Министерството за траснспорт и врски соопшти дека поддршката на Владата кон Општина Охрид е како никогаш досега и оцени дека неговите барања се „лицемерни и неприфатливи“.

-Поддршката од централната власт кон општина Охрид е огромна, како никогаш досега, а реакциите на градоначалникот на општината се лицемерни и неприфатливи посебно кога станува збор за истиот градоначалник кој постојано повикува на забрзување на градежните работи на истиот автопат. Автопатската делница од Кичево до Охрид се гради со потребната динамика и нема да дозволиме ничија опструкција да ја блокира реализацијата на овој проект, стои во писмената реакција на Министерството.

Пред три дена, на оваа делница се постави сообраќајна сигнализација со блокади со што пристапот до градот се одвива отежнато поради големата фреквенција, што создава проблем и за возилата за специјална намена и брза помош, полиција и противпожарни возила.

Слични содржини