Според министерката за одбрана Славјанка Петровска во стратешкиот одбранбен преглед, кога се правени плановите за трансформација на нашата Армија е утврдено дека согласно нашите цели на способности и НАТО цели на способности борбената компонента во делот на хеликоптерската единица нема веќе да биде дел во функција, а ќе се набавуваат транспортни хеликоптери кои првенствено ќе имаат задача да ги извршуваат потребите на Армијата, меѓутоа ќе бидат оспособени да извршуваат и други задачи од интерес на граѓаните.
-Имаме пет понуди од различни компании од различни држави. Договорот ќе биде Влада со Влада и не подлежи на Законот за јавни набавки, рече Петровска во гостувањето во „360 степени“.
Таа додаде дека евалуацијата на понудите ќе биде завршена во април, а допрва ќе се договара начинот на плаќање. Петровска истакна дека ќе се набавуваат осум хеликоптери, а воедно противвоздушниот ракетен систем кој се набавува од Франција е дел од начинот на кој се гарантира безбедноста и е дел од планот за модернизација
-Во 2024 треба да започне испораката на противвоздушниот ракетен систем, бидејќи станува збор за повеќе елементи кои се содржани, истакна министерката.