Одењето со велосипед на работа позитивно влијае на менталното здравје

од Stefanija Kuzmanovska
237 прегледи

Лекарите им препишуваат помалку антидепресиви на луѓето кои одат со велосипед на работа, покажа ново истражување.

Анкетирани се околу 380.000 луѓе кои живеат во Шкотска, а студијата покажува дека возењето велосипед до работа го намалува ризикот од депресија и анксиозност.

Возењето велосипед до работа го подобрува менталното здравје повеќе за жените отколку за мажите, според истражувањето на Универзитетот во Единбург – иако мажите имаат поголема веројатност да возат велосипед.

Истражувачите комбинираа податоци за 378.253 луѓе на возраст од 16 до 74 години од пописот на Шкотска во 2011 година со податоци за рецепти од британската Национална здравствена служба за следните пет години.

Испитаниците живеат и работат во Единбург или Глазгов, живеат на една милја од велосипедската патека и немале препишан ниту еден антидепресив на почетокот на студијата.

Истражувачите открија дека биле напишани 15 отсто помалку рецепти за депресија или анксиозност меѓу велосипедистите во петте години по 2011 година во споредба со оние кои не возеле велосипед.

„Нашето откритие дека овој економичен и одржлив метод на патување, исто така, го подобрува менталното здравје, сугерира дека политиките за инвестирање во велосипедски патеки и поттикнување на активно патување до работа најверојатно ќе имаат бројни предности“, рече водачот на истражувањето, професорот Крис Дибен, од Факултетот за геонауки на Универзитетот во Единбург.

Тој исто така истакна дека „ова не само што може да го подобри менталното здравје на луѓето, туку може да помогне и да се намали метежот на патиштата и загадувањето на воздухот“.

Слични содржини