По повод штрајкот на просветните работници под закрила на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), ИРЛ објави писмо на наставничка од основното училиште “Владо Тасевски” од Скопје. Професорката Симона Петковска Илиеска се осврна на коментарот на посебниот советни во кабинетот на претседателот на Владата Марјан Забрчанец, којшто вчера на социјалните мрежи упати критика до штрајкувачите. Во продолжение прочитајте го одговорот на советникот до наставничката.
На овој линк можете да го прочитате отвореното писмо на наставничката Петковска Илиеска до Забрчанец објавено вчера .
Факт е дека сега платите растат најбрзо, факт е дека правото на штрајк е неприкосновено, факт е дека може да дебатираме за причините и сфектите на штрајкот Со почит кон професорката Симона Петковска Илиеска и особено кон нејзините ученици и кон предметот којшто го предава…
Пишува: Марјан Забрчанец, посебен советник за односи со јавност во Кабинет на претседател на Влада на Република Северна Македонија
Почитувана професорке, Дозволете на почеток да ги повторам и дополнително да ги појаснам позициите на мојата
објава која предизвика реакција од Ваша страна. Се надевам ќе се согласите дека суштинско, потребно и многу корисно e првачињата да добијат топло Добредојде на првиот час за кој толку многу слушале од своите родители или блиски. Сигурен сум дека тоа Добредојде кое го гледам на многу фотографии низ училиштата денес, е најдобро доколку стигне токму од наставниците. Уште повеќе, сигурен сум дека за едно прваче ќе биде големо разочарување и страдање доколку не го добие толку очекуваното Добредојде. И не само првачињата, сите ученици после два и пол месеци распуст очекуваат Добредојде од својот наставник, на првиот час. Впрочем, сигурен сим дека е подобро да добијат Добредојде, па подоцна, на час на кој на пример се изучува Вашиот предмет, да им биде објаснето што е тоа штрајк и зошто е корисно правата да се остваруваат преку граѓански и синдикален активизам. Исто така, знам дека е многу корисно на предметите
како Вашиот, учениците да можат да разговараат и дебатираат со за и против аргументи, дали одреден штрајк во одредена ситуација носи повеќе корист или штета за учениците и наставниците. Правото на штрајк е гарантирано, исто како што е гарантирана слободата да се аргументира за или против причините за штрајкот и како што е гарантирана слободата да се презенитраат факти за растот на платите.
Понатаму, во мојата објава велам дека постои раст на платата за 10.8% во споредба со истиот период пред една година. Тоа е непобитен факт, како и фактот дека владата и СОНК разговараат за нови покачувања. Тие покачувања нема да бидат за СОНК, туку за сите наставници. Исто така би сакал да потсетам на уште еден факт. Просечната плата во образованието во јануари 2010 изнесувала 20.199 денари, а во април 2017 година изнесувала 22.198 ден. За повеќе од седум години, платите во образованието биле зголемени за помалку од 10%, а сега за период од две години имаме раст на платата за повеќе од 10%. 10% за седум години во споредба со 10% за две години и најава за нови покачувања – се надевам ќе се согласите дека има значителна разлика во поглед на растот на платите, во споредба со периодот 2010-2017.
И нема тука никакво релативизирање, само посочувам разлика поткрепена со факти. Нема да биде релативизирање ниту мојот одговор на Вашата порака „Сите влади досега, го урнисавте образованието…“, кога ќе потенцирам дека напротив, има голема разлика меѓу сегашната влада која разговара со наставниците, одговара на нивните потреби и реакции,
се консултира со младите и претходната влада која заплашуваше наставници, казнуваше просветни работници, и вршеше најразлични притисоци против сите кои се обидоа да штрајкуваат за поголеми плати, а во исто време на младите сакаше на сила да им наметне законски решенија.
Мое лично мислење е дека наставниците кои се столб на целокупната иднина на државата заслужуваат многу повисоки плати, согласно нивната одговорност. Тоа го заслужуваат и други јавни професии. Но, истовремено мораме да бидеме свесни и одговорни кон сите останати категории граѓани дека наеднаш и популистички тоа не може да се направи. Во
нашата држава треба да се помогне на многу заедници, па затоа покачувањето на платите и распределбата на социјалниот дел од буџетот мора да се прави систематски како што впрочем е случајот и сега. Низ постојан дијалог и со СОНК, и со наставниците, и со граѓаните. Впрочем и низ дијалогот и низ сите економски и социјални политики покажуваме дека сме сериозни и дека имаме сериозна агенда на тема раст на плати. Платите ќе растат уште побрзо од досега, а тоа е неколкукратно побрзо во споредба со периодот на претходната власт.
Почитувана професорка по Етика и граѓанско образование, укажувам голема почит кон предметот кој го предавате. Силно ја уважувам Вашата улога и одговорност да ги научите учениците за важноста и моќта на синдикализмот во борбата за работнички права и за потребата од кренат, критички, аргументиран и организиран граѓански глас како
предуслов за развој на демократското и граѓанско општество. Сигурен сум дека Вашиот час ќе им овозможи на учениците да направат разлика меѓу демократско и недемократско однесување на власта, меѓу режим и слобода, меѓу притисок и консултација, меѓу раст на плати и стагнација на плати. Во меѓувреме, намерата на владата да растат платите ќе се остварува преку продолжување на разговорите со СОНК, кои најискрено се надевам, ќе придонесат за уште поголем
пораст на животниот стандард на наставниците – прашање кое беше маргинализирано, игнорирано и со притисоци задушувано од страна на режимот на Груевски.
Ви посакувам секое добро и многу успех во новата учебна година. Стојам на располагање Вашите идеи и предлози да бидат канализирани до соодветните институции.