Истовремената циркулација на „делта“ и „омикрон“ варијантите на коронавирусот доведува до „цунами од случаи“, изјави генералниот директор на Светската здравствена организација.
Тедрос Аданом Гебрејесус вели и дека „делта“ и „омикрон“ се двојна закана што доведува до негативни рекорди во бројот на случаи, што доведува до зголемување на бројот на хоспитализирани и починати.
Тој го повтори својот повик до земјите да ги дистрибуираат вакцините поправедно и предупреди дека акцентот на „бустер“ дозите во побогатите земји може да ги остави сиромашните нации без вакцини.
Тедрос рече дека СЗО води кампања секоја земја да ја постигне целта за 70% вакцинација на населението до средината на 2022 година, што ќе помогне да се стави крај на акутната фаза на пандемијата.
Новогодишната ноќ ќе ја одбележи втората годишнина откако Кина ја предупреди СЗО за 27 случаи на „вирусна пневмонија“ од непознато потекло во градот Вухан.
Оттогаш, повеќе од 281 милион луѓе ширум светот се пријавени дека се заразени со новиот коронавирус, а повеќе од пет милиони починале, според Ројтерс.