Македонската фудбалска репрезентација успешно ја заврши последната контролка пред патувањето на ЕП, каде на 13-ти јуни го играме премиерниот натпревар против Австрија. На денешниот натпревар на арената „Тодор Проески“, избраниците на Игор Ангеловски го торпедираа Казахстан со 4:0.
Од самиот почеток ние бевме репрезентацијат која го диктираше темпото, Елмас им создаваше проблеми на гостите со своите соло продори. После еден таков соло продор Елиф изнуди пенал, а сигурен реализатор во 35. минута беше Алиоски. Казахстанците во финишот од првиот дел останаа и со играч помалку, директен црвен картон заработи Мужиков. Со предност од 1:0 заминуваме на пауза.
Во 58. минута Македонија поведе со 2:0 против Казахстан. Тоа беше прекрасна акција која ја започна Пандев. Капитенот го проигра Костадинов во противничкиот шеснаесетник, а овој од прва ја префрли на другата страна, а таму Иван Тричковски ја смести топката во голот.
Дебитантот Милан Ристовски во 74-та на асистенција на Александар Трајковски го постигна третиот гол, а Дарко Чурлинов во 76-та повторно на асистенција на Трајковски погоди и четвртипат за да ја запечати убедливата победа.
Пред три дена Македонија играше 1:1 со Словенија, на првиот контролен натпревар.
Покрај Австрија, во иста група сме со Украина и Холандија.