Одложена собраниската седница, ќе се одржи во понеделник

од Vladimir Zorba
127 прегледи

Четвртото продолжение на 114.седница на Собранието на Република Северна Македонија што требаше да се одржи денеска е одложено за понеделник.

На оваа седница требаше да расправа за дополнетите предлог – закони за изменување и дополнување на законите за задолжително осигурување во сообраќајот, за воздухопловство, дополнетиот предлог – закон за Инспекторат за употреба на јазиците, во второ читање.

На дневен ред на седницата се и Предлог – законот за изменување на законот за основање државен универзитет „Гоце Делчев” во Штип, предлог – законите за изменување на законите за основање на Технолошко – технички факултет, Ветеринарен факултет и Правен факултет во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, за данок на добивка, за извршување на санкциите, сите по скратена постапка, како и предлог – законите за класифицирани информации, за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, во прво читање.

Пратениците треба да ги разгледаат и посебниот извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата за утврдените состојби во финансирањето на изборната кампања – Претседателски избори и Предвремени избори за градоначалник на општина Охрид, градоначалник на општина Ново Село и градоначалник на општина Дебар 2019 година и предлог – одлуката за основање Анкетна комисија за утврдување на прекршување на законите и злоупотреби во работењето на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникациите, поднесен од група пратеници.

Одложена е и за денеска закажана седница на Законодавно – правната комисија.

Слични содржини