На 11 и 12 јануари Израел ќе одговори на обвиненијата за геноцид пред меѓународен суд за првпат од почетокот на инвазијата на Појасот Газа, откако Јужноафриканската Република ( ЈАР) го иницираше процесот пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) на Обединетите нации.
Судот во Хаг го објави распоредот на рочиштата во средата навечер. Јужноафриканската Република ќе го изнесе своето обвинение на 11-ти, а Израел ќе се брани на 12 јануари. Двете страни ќе добијат по два часа.
ЈАР, повикувајќи се на Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид, во петокот поднесе документ во кој на осумдесет страници објаснува зошто верува дека Израел врши геноцид во палестинската енклава. Двете земји се потписнички на Конвенцијата.
ЈАР бара судот веднаш да дејствува и да нареди прекин на насилството врз Палестинците. Оваа африканска земја смета дека израелските напади се од „геноциден карактер“, бидејќи нивната цел е уништување на Палестинците во областа.
Документот вклучува обвинувања за злосторства извршени од израелската армија врз Палестинците, како и изјави на израелското раководство кои наводно укажуваат на намера за геноцид.
Лиор Хајат, портпарол на израелското министерство за надворешни работи, ги отфрла обвинувањата.
„Израел со гадење ја отфрла крвавата клевета што Јужноафриканската Република ја шири со оваа жалба до МСП“, напиша тој на мрежата Икс минатата недела.
Тужбата нема „фактички и правни основи“, наведе тој, додавајќи дека судот и меѓународната заедница треба „целосно да ги отфрлат“ неоснованите тврдења на ЈАР.