„ОГНЕНИТЕ“ ПРОТИВ ГРУБИ И ОСМАНИ: „Борбата може да заостри, групата што ќе изгуби ќе нема иднина во ДУИ“

од Nikola Popovski
296 прегледи

Продолжуваат тензиите во редовите на ДУИ. После неколкумесечно мирување на страстите, „Огнената група“ предводена од потпретседателот на партијата Изет Меџити и поранешниот владин функционер Муса Џафери повторно побара промени во владеачката партија, но и смена на одредени министри кои што доаѓаат од редовите на ДУИ. На средбата со граѓани и членови на партијата во Студеничани, „огнените“ изразија поддршка за лидерот Али Ахмети, но му порачаа „да не го пали јорганот за неколку болви“. Исто така потенцираа дека „партијата мора да се ослободи од платениците“.

Околу новите превирања и изјави од таборот на ДУИ, „Локално“ поразговара со дел од аналитичарите кои се запознаени со ситуацијата во партијата на власт. Според политикологот Енвер Салихи, средбите на „огнената група“ во Студеничани можат само да го зголемат јазот помеѓу спротивставените групи во ДУИ.

Енвер Салихи

-Не се изненадувачки со оглед на тоа дека истата група не успеа внатре во партиската дебата да ја постигне целта за смена на Артан Груби од вицепремиерката позиција. Мислам дека групата веќе не може да чека наредна шанса и дека ќе оди до крај со замислата или во спротивно се навестува шпанска сапуница со безброј состаноци и пораки за изневерување на љубовницата, вели Салихи во разговор за нашата редакција.

За пораката на Меџити насочена кон Ахмети, политикологот вели дека „нема дилеми дека е таргетирана кон Артан Груби, а делумно и кон Османи“, но според негово мислење „е гола борба за кормилото на ДУИ и за тоа кој ке биде иден шеф на оваа партија“.

-Таа група што ќе ја изгуби битката ќе биде изгорена и ќе нема иднина во ДУИ, така што очекуваме да оваа борба и да заостри во одредени ситуации кога истата ке се наоѓа во својот расплет или финале, потенцира Салихи.

Околу објавеното видео од страна на претседателот на ДУИ, соговорникот вели дека може и да биде порака до групата, но според тврдењата на приврзаниците на Меџити, „таа снимка е направена порано и сега пуштена од страна на Груби во својот профил“.

-Секако дека тука има порака, но сепак јас мислам дека дури не стигне некој расплет оваа битка може да личи на научените лекции од минатото за раскол пред изборните циклуси и нивна мобилизација за време на изборите, така да оставам голем знак прашалник за можна крајна разврска и сите овие потези ги сметам како фолклорни и замајување на јавноста се со цел да се биде во центарот на вниманието, дециден е Салихи.

Тој смета дека најголемиот удар за „Огнените“ќе се направи со влезот на Алијанса на Албанците (АА) во власта, што според негово мислење е завршена работа и само се чека средбата со Еди Рама како веќе оваа партија да има алиби за влез во Владата.

-АА направи низа добри потези со доаѓањето на Арбен Таравари и сметам дека со овие постапки му дише на врат на ДУИ, доколку доаѓа до некоја разврска и ќе биде клучен фактор во албанскиот блок. Муса Џафери праќа јасни пораки и според мене најдобро знае како да ги постигне своите цели, но мислам дека тука нема место за отстапки и дека лидерот на ДУИ веќе заземал страна кон Артан Груби. За мене како познавач на овие прилики мислам дека оваа не не уверува за можна поделба затоа што сеуште истата група гласа за одлуките на Владата и секако дека само нивно гласање за идна можна недоверба на Владата ќе биде факт што ќе не увери и секакви други фискултури би биле само сапуници и серии и ефтини приказни од Али експрес, порачува Салихи.

Зуди Џелили

Oд друга страна поранешниот пратеник во Собранието, Зуди Џелили смета дека ваквите тензии во ДУИ е можно да се испланирано сценарио.

-За превирањата во ДУИ, уште има сомнежи да не е некое сценарио да се соберат во друго купче незадоволните членови на партијата и после пак да се обединат пред избори, рече Џелили за „Локално“.

Според него, најчесто фракциите се против лидерот, а не во кординација со него.

-ДУИ има искуство за разни методи на делување, знаат да делуват различно преку ноќ и да глумат преку ден, оценува Џелили.

Меџити утрово реагираше на социјалните мрежи после вчерашното објавено видео од Ахмети. Според него, тоа е „бесрамна злоупотреба на неговиот имиџ“.

-Снимањето на Али Ахмети како пее и потоа објавување на истата снимка за да се дефокусира мислењето од вистинскиот проблем, е бесрамна злоупотреба на неговиот имиџ. Снимањето на Али Ахмети и зачувувањето на овие видеа за користење кога ви одговара е неточно и се чини дека тоа не се случува првпат. ДУИ мора да се ослободи од узурпаторите, платениците и неспособните!, истакна новиот потпретседател на ДУИ на социјалните мрежи.

Н.П.

Слични содржини