Ограничувањето на трговските маржи ќе ги вивне цените на производите?

од Vladimir Zorba
478 прегледи

Веста за одмрзнување на цените на основните прехрамбени производи ги охрабри производителите дека најлошото ќе остане зад нив и дека конечно ќе можат да здивнат. Во ситуација кога голем дел од нив ги црпат последните залихи, можноста што ја најави Владата според нив дошла во последен час бидејќи континуираното таложење загуби го става под знак прашање нивниот понатамошен опстанок на пазарот.

Како особено позитивна ја оценуваат можноста да се ограничат трговските маржи на големо и мало.

„Оваа мерка  е секако подобра од претходната и со неа  можеби ќе се стави крај на досегашната пракса во која трговците ги условуваат  производителите“, изјави за Локално производител на тестенини.

Според него, актуелниот период е исклучително тежок од економски аспект, па затоа вели дека сега е време и трговските ланци да дадат свој придонес.

Време е трговците да им помогнат на производителите, бидејќи никогаш не покажаа грижа за нас туку само „надмен“ однос од „комотна“ позиција во која согласно своите потреби ги избираат произведувачите со коишто соработуваат, вели овој производител.

Сличен став имаат и производителите на пилешко месо. Сметаат дека доколку се донесе таква одлука, трговците ќе мораат да ја ограничат својата маржа која во период на пандемија достигнувала 30%.

„Во изминатиот период маркетите од мене го  откупуваа стекот за сума од 25о денари, а потоа  го продаваа за 350 денари. Поради замрзнатите цени јас не можев да ја качам цената, а трговците заработуваа“, вели Тони Диневски кој со децении наназад се бави со овој бизнис.

Она во што сите производители се согласуваат е дека доколку се усвои таквата мерка, цените на производите ќе се покачат. Една од причините за такво нешто според нив е големата конкуренција меѓу маркетите, но и  фактот дека поради се поголемата економска  криза се намалува бројот на купувачи.

Како голем проблем ги посочуваат и огромните трошоци за електрична енергија со коишто се соочуваат маркетите. Сметките се зголемени за неколку пати,велат тие, па така на пример маркети со пет дуќани кои пред Нова Година плаќале 300.000 ден. за струја, сега имаат трошоци за електрична енергија во износ од 1.800.000 ден.

Новата мерка која надлежните во моментов ја разгледуваат и се очекува да започне да важи од 1 март ја најави министерот за економија Крешник Бектеши. Тогаш истекува рокот на траење на владината мерка за замрзнати цени на лебот, шеќерот, брашното, маслото за јадење, млекото, месото, млечните производи, оризот, јајцата и тестенинините, на ниво на цената од први декември.

К.В.С.

Слични содржини