Огромна заплена на шпанската полиција: Пронајдени над 2 тони кокаин кој припаѓал на „Балканскиот картел“

од Nikola Popovski
308 прегледи

Шпанската полиција во соработка со американската агенција за борба против наркотици, ДЕА, запленила 2.300 килограми кокаин, скриен во рибарски брод кај Виго, соопшти шпанската полиција. Уапсени се пет лица, а дрогата, според полицијата, е на „Балканскиот картел“.

Полицијата го пресретнала рибарскиот брод на околу 40 наутички милји од пристаништето Виго и ги уапсила сите четворица членови на екипажот на него, а малку подоцна уште едно лице кое го следело товарот, соопшти полицијата.

Петтото лице кое го следело товарот побегнало од Виго во Мадрид, но е уапсено во еден од хотелите во главниот град.

Речиси во исто време полицијата упаднала во два стана во Ла Коруња, каде што запленила луксузен автомобил и околу 200.000 евра.

Акцијата уследи по истрага која утврдила дека „Балканскиот картел“ имал намера да ги користи шпанските пристаништа како транзитна точка за кокаин од Јужна Америка.

Како дел од планот, шпанската полиција навела и дека шверцерите со контејнерски бродови ја донеле дрогата во околината на шпанскиот брег, по што била претоварена во помали пловила.

Акцијата на шпанската полиција била спроведена на 11 септември.

Слични содржини