Како причина за земјотресите во охридскиот регион се посочија тектонските движења на земјените плочи долги околу 20 километри во раседот помеѓу Охрид и Ресен.

На подрачјето на Охрид синоќа биле регистрирани уште три земјотреси со сила од 3 ипол до 3,9 степени според Рихтеровата скала.
Најсилниот бил регистриран во 20 часот и 3 минути, соопшти Сеизмолошката опсерваторија во Скопје.
Најпознатиот туристички град во Македонија во изминативе две недели е зафатен со серија земјотреси, а најсилниот беше регистриран вчера во 13 часот и 18 минути со јашина од 5 степени според рихтер. Тој ги вознемири жителите и туристите и предизика оштетувања на постарите објекти.
Претставници на локалната самоуправа, на Институтот за земјотресно инжинерство од Скопје (ИЗИС) и на Сеизмолошката опсерваторија при Природно математичкиот факултет во Скопје,синоќа одржаа кооединативен состанок во зградата на општината со цел да ги договорат мерките кои институциите ќе ги преземат во насока на смирување на граѓаните кои сериозно се загрижени за својата безбедност по серијата земјотреси кои го тресат Охрид повеќе од две недели.
На средбата експертите од ИЗИС истакнаа дека земјотрес со јачина од околу 5 степени според Рихтер бил очекуван во охридското сеизмичко подрачје, посочувајќи дека од последниот таков потрес поминале нешто повеќе од 100 години.
Последниот силен земјотрес во Охридско се случил во 1911 година кој бил со магнитуда поголема од 6 степени по Рихтер. Експертите е упатија смирувачки пораки до граѓаните советувајќи да останат присебни и да не паничат.
Сепак вознемиреноста кај охриѓани е голема, дотолку повеќе што од 18ти јуни до денес во охридското подрачје се регистрирани над 1000 потреси, од кои најсилниот беше со магнитуда од 5 степени по Рихтер.
Дел од нив ноќта решија да ја минат на отворено и покрај советите на стручњаците дека нема простор за паника и дека не се очекуваат земјотреси со поголема јачина, освен афтершокови кои можат да потраат извесен период, дополнувајќи дека сепак земјотресите се уште не можат да се предвидат.
Како причина за земјотресите во охридскиот регион ги посочија тектонските движења на земјените плочи долги околу 20 километри во раседот помеѓу Охрид и Ресен, укажувајќи дека нормално е по земјотрес со магнитуда како вчерашниот да има серија помали потреси кои не можат да предизвикаат посериозни штети и да ги загрозат живототите на луѓето.