Охридскиот договор и формално влезе во преговарачката рамка на Србија со ЕУ

од Nikola Popovski
202 прегледи

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија одобрија измени на поглавјето 35 во преговорите за членство со Србија, кои се однесуваат на обврските на Србија кои произлегуваат од договорите со Приштина постигнати минатата година во Брисел и Охрид.

„Станува збор за формална потврда на измените што земјите членки на ниво на амбасадори ги одобрија на 15 април, со што измените и официјално станаа составен дел од преговарачкиот процес за членство на Србија во Европската унија“, пренесува РТС.

„Србија мора целосно да ги спроведе своите обврски кои произлегуваат од Договорот на патот кон нормализација со Косово, во согласност со анексот за имплементација договорен на 18 март“, се вели во одобрениот текст што го виделе од РТС.

Во документот се наведува и дека „сите дискусии поврзани со спроведувањето на договорот ќе се одвиваат во рамките на дијалогот под покровителство на ЕУ“.

По формалната потврда, се очекува промените да бидат испратени до Србија во писмена форма.

Во документот се наведува дека на ист начин ќе биде комплетирана агендата на „Специјалната група на Косово за нормализација, за вклучување на обврските на Приштина кои произлегуваат од Договорот“.

Во точка три од анексот за имплементација на Договорот од Охрид од март минатата година, предвидено е обврските од овој Договор да станат составен дел од процесот за членство на Белград и Приштина.

Во случајот со Белград, станува збор за поглавјето 35 од преговорите, кое се однесува на Косово. Ова поглавје, заедно со поглавјата 23 и 24 за владеење на правото, има особена тежина во пристапните преговори.

Според преговарачката рамка, недостатокот на напредок во овие области може да го забави или запре напредокот и во сите други поглавја од преговорите.

Слични содржини