Охридско езеро се излеа на шеталиште со 2 метра бранови

од Vladimir Zorba
222 прегледи

Силниот јужен ветар, кој на моменти достигнува брзина од околу 100 километри на час, предизвика проблеми во охридскиот регион. Југот го разбранува надојденото Охридско Езеро, кое е на ниво над природниот максимум и разбранувано излезе на шеталиште

Силните брановите го заплискуваат градскиот кеј, кој вообичаено на вакво време е под вода, а поплавени се и кафулиња и плажи во стариот дел на Охрид. Разбрануваното езеро го искрши дрвениот мост на желбите, кој населбата Канео ја поврзува со центарот и предизвика оштетувања на плажата Потпеш.

Состојбата со нивото на Охридското Езеро ја следи работна група на „ЕЛЕМ“ и општините Охрид и Струга, од каде велат дека се прават максимални напори да не дојде до посериозни последици

Силниот ветер кој дува денеска во Охрид крши и дрвја, а пријавени се повеќе штети на возила и инфраструктурата во градот и околината. На улицата „Никола Карев“, падна лимен покрив од деловен објект, но за среќа никој не е повреден.  На улицата „Даме Груев“ дрво падна врз паркирани автомобили, при што е причинета материјална штета. Во Пештани, пак, скршено дрво предизвика застој во сообраќајот на патниот правец Охрид – Св. Наум, а поради оштетена инсталација, има и прекин во снабдувањето со струја. 

Под влијание на циклонот Хектор нестабилното време ќе се задржи во Македонија и утре, кога се очекуваат и поинтензивни врнежи од дожд, проследени со силен ветер и  грмежи.