ОЈО: Аудио-снимката покажува дека не сме го скриле германското вештачење за пожарот во тетовската болница

од Nikola Popovski
264 прегледи

Јавното обвинителство се заблагодарува на новинарите на ИРЛ што ја направија достапна за пошироката јавност аудио снимката која најдобро покажува дека е лажен нивниот став дека обвинителството ја прикрило експертизата од германските стручни лица, врз кој став натаму ги темелат и другите лажни информации за пожарот во модуларната болница.

Снимката, велат од ОЈО, недвосмислено потврдува дека за обвинителството вештиот наод од германските криминалисти бил важен доказ кој обвинителите го предложиле и го извеле во постапката пред судот.

Во текот на главната расправа, одбраната даде предлог, покрај писменото вештачење, лично да се сослуша и вештото лице од Германија кое го изготвило писмениот наод – доказ во постапката. По тој предлог на обвинетите се произнел и јавниот обвинител.

 

Вештачењето на германските експерти беше изготвено по замолница од Јавното обвинителство, кое го предложи и го изведе како писмен доказ. Потврда за ова се и завршните зборови на јавниот обвинител во кои тој својот случај го темели и на ова вештачење во корелација со сите други прибавени докази во постапката, порачуваат од Обвинителството.

Додаваат дека доколку кај новинарите на ИРЛ постои макар и најмал интерес да објават вистина за постапувањето на Јавното обвинителство во овој процес, тимот на јавни обвинители кои работеа на предметот и претходно им стоеше, а и сега им стои на располагање за разјаснување на сите правни прашања или дилеми за текот на кривичната постапка.

Во спротивно, Јавното обвинителство уште еднаш апелира итно да престане злоупотребата на овој процес за неоснована лична и институционална дискредитација. Потсетуваме дека во тек е жалбена постапка и уште еден отворен предмет кои можат да претрпат сериозна штета од неодговорно новинарско известување и од манипулацијата со сочувствата на јавноста со огромната трагедија, стои во соопштението.

Од ИРЛ вчера соопштија дека Републичкото обвинителство излажало во демантот дека германското вештачење било ценето како докaз. Објавија аудио-снимка во која се слуша дека обвинителите барале тетовскиот суд да ги отфрли германските вештаци за сведоци со образложение дека германското вештачење било „беспредметно“ за овој случај.

Слични содржини