По спроведена претходна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје донесе Решение за отфрлање на кривичните пријави поднесени од две политички партии против претседателот на Собранието и двајца пратеници за кривични дела – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија и Пренесување заразна болест, бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност. ВМРО-ДПМНЕ и Левица ги поднесоа пријавите против претседателот на Собранието, Талат Џафери, и двајцата пратеници кои во април заболени од коронавирус со скафандери се појавија на гласање во Собранието.
Пријавата беше поднесена за кривични дела – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија и Пренесување заразна болест, аОбвинителството ги отфрлило бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност.
Исто така отфрлена е и пријавата против Собранието како правно лице.
Од Обвинителството наведуваат дека Собранието доставило известување во кое се наведува дека двајцата пратеници на денот на одржување на седницата, дошле во Собранието без клиничка симптоматологија со сопствен превоз. Влезот, движењето и сместувањето во просториите за гласање, како и излезот на пратениците биле спроведени во согласност со одобрените протоколи од страна на Комисијата за заразни болести. И при извршениот инспекциски надзор од Државниот инспекторат за труд било констатирано дека нема забелешки.
„Од доставените докази, неспорно е дека на критичниот ден во Собранието на Република Северна Македонија се одржале 32-та и 36-та седница, закажани од пријавениот претседател на Собранието. На седниците присуствувале двајцата пријавени пратеници кои во тој момент биле позитивни на Ковид-19, имале решенија за изолација и биле во домашна изолација без изразена клиничка симптоматологија. Но, од ниту еден доказ не произлезе дека тие презеле дејствие со кои ги прекршиле или не постапиле согласно прописите и наредбите издадени од надлежен орган и со тоа предизвикале пренесување на заразна болест и нарушување на здравјето на населението. Пријавените постапиле согласно протоколот за работа во услови на пандемија донесен од Комисијата за заразни болести на 30.07.2020 година, како и дополнувањето на овој протокол од 17.11.2020 година“, велат од Обвинителството.