Оформен е предмет по дојава на 12. јануари, во Основното јавно обвинителство во Битола, врзан за постапувањето на лекари специјалисти, односно гинеколози од Клиничката болница и едно лице кое е странски државјанин, поради сомнение за сторено кривично дело со кое без лиценца се преземала лекарска интервенција.
„Кон предметот е припоена и кривична пријава поднесена од СВР Битола на 8.2.2021 против три лица заради преземени дејствија со кои ги пречекориле своите посебни овластувања во вршење на должноста и овозможиле лице без соодветна лиценца за работа издадена од Лекарска комора на РСМ, да даде медицинска помош- изврши оперативна интервенција врз родилка, породување со царски рез во ЈЗУ Клиничка болница Битола – операциона сала на Одделение за гинекологија и акушерство. По завршувањето на интервенцијата,едно од лицата во оперативниот дневник внело невистинит податок, односно во графата податоци за оператор, ги внело своите податоци и податоците на колегата, а од стариот оперативен дневник отстранило страници на кои третото лице ги запишало извршените оперативни интервенции на 1.1.2021 година“, стои во соопштението од ОЈО.
Исто така, од таму посочуваат дека се издадени наредби за собирање потребни известувања до СВР Битола, испитани се две лица кои дале свои сознанија за настанот и поднесено е барање до Лекарската комора на РСМ.
На 3.2.2021 година јавниот обвинител издаде Наредба за вештачење на Оперативни дневници на Одделот за Гинекологија и акушерство при Клиничка болница Битола, за кои постои сомнение дека содржат невистинити податоци, односно се отстранувани страници, стои во соопштението.