По претходно спроведена постапка, Основното јавно обвинителство од Струга, поднесе предлог за издавање на казнен налог за три лица кои сториле кривично дело – Повреда на угледот на странска држава кое Согласно членот 181 од Кривичниот законик е казниво дело.
„Обвинетите, на 14 јануари, за време на самоиницијативниот собир на граѓани по повод верскиот празник Св.Василиј во Вевчани, со намера за исмејување јавно го изложиле на подбив знамето на Република Бугарија. Еден од нив го запалил знамето, а останатите двајца го кревале и замавнувале со запаленото и подгореното знаме“, стои во соопштението на ОЈО.
Јавниот обвинител на Основниот суд во Струга му предложил на првообвинетиот да му изрече парична казна од 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 70 евра во денарска противвредност, додека за останатите двајца обвинети се предложени парични казни од по 100 дневни глоби од по 50 евра во денарска противвредност.